Новата војна ја откри слабоста на САД: Пентагон троши милијарди, но на скапи решенија
Актуелниот конфликт со Иран отвори сериозни прашања за ефикасноста на американската воена стратегија, особено во однос на трошоците за одбрана.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет уште минатата година предупреди на проблемот со прескапо пресретнување на евтини цели.
- „Не можеме да си дозволиме да соборуваме евтини дронови со ракети вредни два милиони долари“ – изјави Хегсет.
Само во првите два дена од конфликтот, САД потрошиле околу 5,6 милијарди долари за муниција, додека Иран користи дронови од типот „Шахед“, чија цена се проценува меѓу 20.000 и 50.000 долари.
Овие напади погодиле воени бази, туристички објекти и центри за податоци, што дополнително ја нагласува разликата меѓу трошоците за напад и одбрана.
Конфликтот ја отвори и вратата за нови технологии и поголема соработка со технолошкиот сектор. Компании од Силиконската долина се обидуваат да добијат поголем удел од буџетот на Пентагон, кој традиционално е доминиран од гиганти како Lockheed Martin, RTX Corporation и Northrop Grumman.
Минатата година инвестициите во одбранбена технологија речиси се удвоиле и достигнале 49,9 милијарди долари, но и понатаму претставуваат помалку од еден процент од вкупните договори.
Како одговор, САД развиваат сопствени евтини борбени дронови, како моделот LUCAS, кој чини околу 35.000 долари по единица. Сепак, производството е ограничено, а операциите и натаму се потпираат на традиционални авиони и бомбардери.
Паралелно, се развиваат и нови системи за одбрана од дронови, вклучително и ласерски технологии, каде цената по „истрел“ може да биде помала од пет долари.
И покрај тоа, буџетот за вакви технологии за 2026 година изнесува околу 4,7 милијарди долари, што е релативно мал дел од вкупните воени трошоци.
Војната ја зголеми побарувачката, а Пентагон бара забрзување на производството. Сепак, многу компании се двоумат да инвестираат без сигурни договори, поради високите трошоци и сложените синџири на снабдување.
Американската администрација планира значително зголемување на воениот буџет, со цел да достигне 1,5 билиони долари до 2027 година, со фокус на нови технологии и беспилотни системи.
Сепак, експертите предупредуваат дека постои сериозен јаз меѓу брзината на технолошкиот развој и способноста на војската да ги имплементира новите решенија на терен.
Конфликтот со Иран, според нив, јасно ја покажа оваа слабост – дека модерната војна бара поефикасни и поевтини решенија, а не скапи системи кои тешко се прилагодуваат на новите закани.
Фото: Пиксабеј