Економија, финансии, бизнис

Контакт

Новата учебна година на прагот, ќе почне ли конечно процес на заздравување на образовниот систем?!

Новата учебна година на прагот, ќе почне  ли  конечно процес на заздравување на образовниот систем?!

Иако 1 септември по традиција се поврзува со стартот на новата учебна година, оваа година  училишните звона ќе го означат првиот училишен час три дена подоцна, на 4 септември. Во меѓувреме се кројат  образовни политики како да се постигнат  подобар квалитет, резултати  и знаење во образовниот процес.

Во пресрет на новата учебна година тим од девет наставници- членови на Наставничкиот пленум остварија средба во Министерството за образование и наука. Ова е прва средба со министерката за образование  и наука Рената Дескоска-Тренеска,  во обид да се чуе гласот на наставниот кадар кој целото свое знаење и труд го вложува во учениците, училиштето, системот. 

Професорката Елизабета Секирарска за Фактор вели дека образовниот систем се гради низ комлексен процес на сериозни анализи, длабински реформи и критички приод кон сите зафати кои не дале резултат. Тоа  според неа и колегите од Пленумот не е куса и едноставна работа,  туку сложен зафат кој мора да биде осмислен, поткрепен со факти и реализиран со целосна поддршка на оние кои го спроведуваат.

Годината на прагот наставниците очекуваат да  биде етапа од процесот на заздравување на системот и негова конекција со базата, каде дејствуваат  наставниците-професионалци кои најдобро знаат што е добро, а што не чини. Велат, таков систем очекуваат.

“Тим од 9 наставници - претставници на Наставничкиот пленум, избран демократски и со гласање во рамките на НП,  беше примен на прва работна средба од страна на министерката за образование и наука Рената Дескоска. После долг период на неприфаќање и стигматизирање на НП, кое како граѓанско и професионално здружение на наставници е формирано исклучиво во функција на коректив на воспитно-образовните решенија со кои веќе долго време се соочуваме и против кои НП и се постави за да сигнализира за последиците, кои се видливи и мерливи, за првпат ни се отворени вратите на  оваа институција. Многу сме среќни и благодарни што во повеќечасовен конструктивен разговор имавме можност да ги изнесеме ставовите на фелата”- потенцира  професорката Секирарска од Наставничкиот пленум.

Заклучоците и пораките од првата средба со ресорната министерка како што велат  се бројни, мошне охрабрувачки и отвораат простор за оптимизам дека најспосле, нештата во воспитно-образовната сфера се придвижуваат кон подобро.

“На министерката и беше доставена листа со ставови преточени во професионални барања, на кои како НП сметавме дека треба да се укаже. Истите беа сублимирани на ниво на одделенска и предметна настава во основното и во средното образование и секое од нив беше прецизно елаборирано од страна на наставниците.  Конструктивната дискусија се одвиваше на пример, во правец на укажување на потребата од создавање на услови за подобра и посоодветна реализација  на Кембриџ програмата во основното образование, согласно очекуваните ефекти и исходи од наставата. Исто така, се дискутираше и за наставните програми кои треба да доживеат структурирање согласно потребите на пазарот на трудот, преоптовареноста на учениците по сите образовни нивоа со обемни и непотребни содржини, анализа на потребата од додатна и дополнителна настава, анализа на форматот на тематските и оперативните планирања, анализа на законот за инклузија на деца со посебни потреби, ревизија на учебниците, разграничување на компетенциите на државните просветни инспектори и педагошките советници, оптовареноста на наставниците со непотребна административна работа, бројот на учениците во паралелките, како и уписната политика за запишување на ученици во прва година во средното образование.  Аспектите кои беа опфатени на работната средба се нависитна бројни и кон сите беше приоѓано сериозно и со внимание”-  објаснува професорката Секирарска.

Дел од дискусијата била посветена и на учебниците и наставните содржини бидејќи според наставниците од Пленумот, веќе долго време го дерогираат образовниот систем, полни се со неточни и дискриминаторски факти кои индоктринираат цели генерации.

“По структура на содржините се недозволиви, со лоши и несоодветни преводи, тежински неодмерени согласно возраста на учениците. Беше нагласено дека учебниците ќе бидат ставени под посебна анализа и се надеваме дека заклучокот кој подразбираше тимско продуцирање на учебници од страна на универзитетки професори и наставници од основното и средното образование ќе го врати учебникот на позицијата Основен извор на сознанија, соодветен по сите основи”-  нагласува професорката.

Законите за основно и средно образование, како законски решенија кои ја регулираат воспитно-образовната сфера и го креираат работниот амбиент велат  ќе бидат исто така подложени на целосна ревизија. На нив очекуваат  да работат професионални, стручни работни групи кои ќе се посветат на длабинска анализа и корекција на сите решенија кои низ годините наназад се покажаа погубни по воспитно-образовниот процес.

“Казните за наставниците ќе мора да останат во минататото, затоа што само наставник кој делува во смирена, конструктивна и ослободена од притисоци атмосфера, ќе биде продуктивен и посветен на работата со деца, а наградите ќе се користат како механизами за мотивација на наставникот кој веќе подолго време е изложен на закани, страв од казна и професионално деградирање.  Уште еден сложен процес кој бара големо внимание и ние веруваме дека соодветно конструирани, овие законски решенија ќе бидат во интерес на сферата за која како наставници постоиме”- додава претставничката на Наставничкиот пленум.

На маса се нашло и едно од најболните прашања- платите на наставниците. Аспектот на платите и надоместоците, сметаат од Пленумот е болна тема за сите  наставници, затоа што сите се свесни дека не се соодветни на трудот, описот на работните задачи, степенот на одговорноста заради градењето на младата личност од сите аспекти.

“На средбата беше ставена и  реалната потреба од зголемување на платата, почитувањето на посточеките колективни договори или потпишување нови,  вреднувањето на работата во комбинирани паралелки, вреднувањето на работата со деца со посебни образовни потреби, дополнителното плаќање на часовите над предвидениот фонд, фактот дека наставниците ги покриваат од свој џеб повеќето издатоци за реализација на наставата, што во крајна линија значи дека ионака ниската плата станува уште пониска. Заеднички нагласивме дека како кадар кој образува, учи и оспособува за живот генерации кои во иднина ќе дејствуваат во различни сфери, секако не заслужуваме да имаме плати под просекот, кои не одат во прилог на професионалното достоинство на наставник кој создава и гради умови. Има расположение сериозно да се поработи од страна на наделжните и на овој горлив проблем”- потенцира професорката Секирарска.

Борбата на наставниците во изминативе години, додава, беше насочена кон реалната потреба од напуштање на механизми наметнати како задолжителни, без да бидат претходно анализирани ефектите од нивната имплементација. Борбата на пленумот, велат наставниците  и натаму ќе биде посветена на почитувањето на дигнитетот на наставникот, почитувањето на педагошката работа без притисоци, враќањето на стариот воспитно-образовен сјај на училницата и продуцирањето на ученици кои учат, знаат, умеат и се подготвени за живот.

С.Б. 

Слично

Поврзани вести