Новата американска амбасадорка веќе работела во Скопје и го знае македонскиот јазик
Ангела Агелер положи заклетва како нова амбасадорка на САД во Македонија на церемонија во Стејт департментот, информира Амбасадата на САД во Скопје. Таа веќе работела во Скопје за американската дипломатија и го познава македонскиот јазик.
– Амбасадорката Агелер е дипломат од кариера на Високата служба за надворешни работи, а до неодамна беше заменик-шеф на мисијата на САД во Пакистан каде што служеше како привремена в.д. амбасадорка. Претходно работеше и како советник за односи со јавноста во Амбасадата на САД во Париз, а извршуваше работни задачи и во Скопје, Њу Делхи, Ханој и Вашингтон – се наведува во објавата на американската амбасада.
Во нејзината биографија стои дека зборува македонски, француски и делумно хинду јазик. Агелер доаѓа на местото на Кејт Мари Брнз, која ја извршува функцијата амбасадорка на САД во Скопје од 2019 година.
