Економија, финансии, бизнис

Контакт

Новаковски: Помалку пари од донации и повеќе од државата се добри за опозицијата

Новаковски: Помалку пари од донации и повеќе од државата се добри за опозицијата

Партиите што се на власт ја губат „непишаната“ предност во однос на опозициските кога станува збор за донациите кои ги добиваат од фирмите пред изборите, но и кога истите не се на повидок, вели за Фактор Александар Новаковски, поранешниот претседател на Државната изборна комисија. Пратениците ги изгласаа завчера измените на Изборниот законик. Но, со нив се зголемува и сумата која партиите ја добиваат по гласањето од буџетот.

Според Новаковски, правните лица секогаш досега авторитарно гледале на власта и тенденциите биле повеќе да се донира за оние кои имаат парламентарно мнозинство.

- Досега опозицијата секогаш барала донациите да се намалат, за разлика од оние на власт. Овие измени во овој случај се добри, бидејќи ќе влезат како позитивни во извештаите. Добро е и тоа што оваа измена е донесена со консензус. Фирмите во Македонија тежнеат со поголема финансиска помош за владеачките партии, а тоа им дава предност. Во САД вообичаено победува онаа партија која ќе собере повеќе пари за кампања, но таму компаниите не се плашат од власта и доделуваат средства по убедување. Во овој поглед, подобро е тоа што сите помалку ќе зависат од донации, а истовремено рамномерно им се дели од државниот буџет - вели Новаковски.

Од друга страна, како што вели тој, негативна карактеристика е во поглед на контролата на сметките.

- Контролата на Заводот за ревизија ќе биде поголема и одговорностите се поголеми, бидејќи станува збор за државни пари, но од друга страна постои и натаму недореченост во надлежностите, бидејќи останува одредбата за две посебни сметки - оние редовните и оние за пред избори. Повторно останува еден „празен простор“ ако има две сметки - коментира Новаковски.

Инаку според измените, наместо досегашните 1,8 милиони евра, политичките партии од буџетот ќе добиваат 4,5 милиони евра на годишно ниво. Или тие до пред измените добиваа 0,06 отсто од буџетот, а со измените во Законот за финансирање на политичките партии овој процент се зголемува на 0,15 отсто.

Со 101 глас „за“ пратениците ги изгласаа овие измени кои долго време беа најавувани во јавноста и беа една од клучните теми на лидерските средби. Триесет отсто од овие пари ќе бидат наменети за малите партии, додека 70 отсто за големите партии кои имаат свои советници и пратеници. 

На сметка на зголемувањето сумата на државното финансирање, се намалува сумата на донации што може да ја добиваат партиите – од 150 просечни плати што може да ги донира едно правно лице, со измените оваа бројка се намалува на 60 просечни плати.

Ако досега, пак, за физичките лица беше предвидено дека можат да донираат 75 просечни плати, сега бројката се намалува на 30.

Александар Кузмановски


Слично

Поврзани вести