НОВА ТРАГЕДИЈА ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА: новороденче починало еден ден по раѓањето, родителите револтирани бараат одговори
Револтиран и разочаран, Драгољуб Китоски од Ресен со пост на социјалните мрежи раскажува за патешествието низ кое поминале викендов со сопругата, при што го изгубиле нивното штотуку родено синче.
Имено, како што веќе се пренесува низ медиумите, во петокот во Клиничката болница во Битола со царски рез се родило машко новороденче, кое починало следниот ден.
Бебето било испратено кон Детската клиника во Скопје, но од тука родителите само добиле известување дека починало.
Таткото Драгољуб Китоски од Ресен обвинува дека не бил известен на време за влошената здравствена состојба на бебето, не му било овозможено да го види бебето пред да се направи транспортот, ниту претходно, пред да му се влоши состојбата на бебчето. Според него, не биле преземени навремено мерки за да се спаси нивниот син.
Тој своето искуство го сподели во групата „Правни искуства...правни проблеми“, каде исто така посочи дека вработените во болницата кон нив се однесувале дрско и безобразно.
Еве дел од неговата објава:
Од Клиничката болница за СКД.мк велат дека состојбата на детето одеднаш се влошила и било транспортирано за Скопје, а родителите на време ги известиле. Велат ги презеле сите потребни мерки.
Од Клиничката болница Битола соопштија дека пациентката била во поодмината бременост и се жалела на болки веќе два дена. Ѝ бил направен царски рез, а ова ѝ била трета неуредно контролирана бременост, со претходни еден царски рез и еден спонтан абортус. Пациентката дава податок дека за време на бременоста посетувала два различни матични доктори и за првпат дошла на Оддел за гинекологија и акушерство при Клиничката болница Битола за преглед. Бебето се родило со вредност Апгар 5.77, на раѓање аспирирано и кратко реанимирано. На Оддел за неонатологија било поставено на кислородна поддршка во инкубатор за мониторирање.
„Неколку саати подоцна, од страна на доктор неонатолог мајката е известена за состојбата на новороденчето. Во текот на денот, состојбата на новороденото се подобрува, истото е со подобрена сатурација, везикуларно дишење, добро прима храна. Во саботата во 13:25 часот состојбата на новороденото нагло се влошува поради што се повикани двата родители да дадат писмена согласност за транспорт на новороденото, бидејќи е со висок ризик. На двата родители им е објаснето дека состојбата на новороденчето е ризична. Транспортот е реализиран во најбрз можен рок”, соопштија од Битолската болница.
На Клиниката за детски болести било констатирано дека бебето починало и било вратено во Битола. Телото е предадено за обдукција.
Клиничката болница во Битола минатата година беше во центарот на вниманието откако почина 5-годишната Јана, а месец дена подоцна и новороденче. Надлежните не утврдија лекарска грешка во двата случаја. Само во случајот со новороденчето беа евидентирани административни пропусти. По ова следеше директорска смена во болницата.
Од друга страна, Слободен печат пак стапи во контакт со матичен гинеколог кој ја водел бременоста на мајката, и кој посочил дека таа редовно правела контроли.Фото: Архива
