Нова соработка помеѓу Македонија и Косово во секторот иновации
Министерот за иновации и претприемаштво на Косово, Бесим Беќај, ја предводеше делегацијата која одржа билатерална средба со Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој и неговиот тим, во просториите на Владата на Република Македонија.
Состанокот се одржа на иницијатива на Светската банка, која беше претставувана од Марко Мантованели, регионален директор за Македонија и Косово.
На средбата беа претставени програмските активности на ФИТР,
услугите, можностите што ги нуди, плановите и предизвиците во наредниот период,
со акцент на владиниот План за економски раст чиј трет столб се фокусира на
финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за иновации и
технолошки развој.
Од косовска страна беа истакнати предизвиците со кои е соочено Министерството
за иновации и претприемаштво.
Стручни лица на Фондот за иновации и технолошки развој
во наредниот период ќе престојуваат во Приштина со цел поддршка на активностите
на косовскиот партнер во развој на правната рамка и инструментите за
финансирање на компаниите.
„Ние како министерство и самите сме стартап, па затоа сакавме да видиме како функционира вашиот Фонд во поглед на легислативата и финансирањето на привантниот сектор“, посочи министерот Беќај.
На средбата беа образложени детали за инструментите што Фондот за иновации и технолошки развој ги спроведува со цел зајакнување на конкуренцијата во приватниот сектор и националниот економски пораст.
„Во однос на институционалната поставеност, моделот на
Министерство за иновации што го развива Косово, по примерот на Словенија и
повеќе други држави од ЕУ, може да биде корисен и за Македонија“, кажа Јован
Деспотовски, директор на Фондот.
Како иницијатива за развивање на
соработката, министерот Беќај најави и реализација на регионална конференција посветена на
иновативноста и претприемаштвото што би се одржала во септември 2018 година.
