Економија, финансии, бизнис

Контакт

„НОВА“: Сметките на „Актор“ блокирани, работниците пуштени дома

„НОВА“: Сметките на „Актор“ блокирани, работниците пуштени дома
Работата на автопатот Демир Капија - Смоквица е речиси блокирана, објави веб порталот „НОВА“. Извори на порталот во подружницата на „Актор“ тврдат дека сметките им биле замрзнати и голем дел од работниците морале да бидат пуштени дома. „Застој има, така ми кажа еден од одговорните Грци во подружницата на „Актор“, чекале разврска од инспекцијата зошто им била блокирана сметката. Тој вели дека нема потреба од узбуна, ако не ја одблокирале за недела дена ќе направеле напори директно од Атина да ги исплаќаат луѓето. Колку што знам од нивните кажувања, ратите од ЕУ редовно се исплаќале, а отприлика 250 Грци и Албанци биле отпуштени неделава поради сметките“, вели градоначалникот на Демир Капија Трајче Димитриев. Работниците тврдат дека отпуштањата почнале пред една недела, кога речиси половината од грчките работници биле вратени назад во Грција, а се пуштиле дома и добар дел од македонските работници. Во моментов, според нивните кажувања, околу 80 работници се отпуштени, иако им нагласиле дека отпуштањето „може да е привремено“. Загриженост за менаџирањето на средствата од ЕУ со кои се гради дел од автопатот доаѓа и од Европската комисија која за оваа делница даде неповратен грант од 45 милиони евра. „Во овој случај одговорноста за правилно спроведување на договорите, како и финансирањето од ЕУ лежи во Министерството за финансии. Во однос на ИПА фондовите, Комисијата го задржува правото да преземе соодветни мерки за да го заштити буџетот на ЕУ. Комисијата е целосно свесна за извештаите во печатот. Сите наводи за погрешно работење треба да бидат истражени од страна на властите“, вели за НОВА Петар Стано, портпаролот на еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Од „Актор“, како и од Минситерството за финансии одбиваат официјално да кажат што се случува со работата на оваа делница.  Автопатот Демир Капија – Смоквица се гради со 130 милиони евра средства од Европската инвестициона банка, 45 милиони евра од грант кој го обезбеди директно Европската комисија, а Европската банка за обнова и развој одобри кредит од 107 милиони евра.
Слично

Поврзани вести