НОВА ПРОВОКАЦИЈА: Ана Кочева од БАН го спори македонскиот јазик
Ана Кочева, лингвист од Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науките (БАН), во интервју за порталот „Дир.бг“ објавено вчера, изјави дека македонскиот јазик е составен во 1944 година, и тоа како резултат на делумниот успех на Србија во проектот да стане обединител на сите Јужни Словени.
Таа, во интервјуто, во кое и новинарот во прашањата зборува за „бугарскиот карактер на т.н. ,македонски јазик’“, тврди дека по неуспехот на тезата на Илија Гарашанин, Србија прибегнала кон „македонистичката доктрина“ на Стојан Новаковиќ. Благодарение на таа доктрина, вели Кочева, Србија успеала само делумно да ја реализира својата хегемонистичка програма „присвојувајќи го бугарското население од Поморавјето, Западните Покраини и Вардарска Македонија“.
Во однос на последното тврдење, фактот дека денеска во Источна Србија (Западните Покраини, според бугарските квалификации) функционира бугарско малцинство, кое покрај бугарска самосвест има и свои медиуми на бугарски јазик, посочува дека Србија сепак не успеала „да го присвои“ бугарското население.
