НОВА ЛИСТА НА ДОЛЖНИЦИ: Нови 127 имиња на „црниот“ список на УЈП
Бројот на должници за данок се зголемува. На новата, втора по ред листа на даночни должници објавена од УЈП запишани се нови 127 имиња, а вкупниот долг е зголемен за околу осум милиони евра.
На листата сега се наоѓаат 3.635 компании и граѓани, а нивниот долг за даноци изнесува 193 милиони евра.
Од УЈП се надеваа дека јавната објава на должниците ќе ја зголеми нивната свест и ќе ги поттикне да си ги платат долговите.
„За мерење на ефектите од јавното објавување на даночните должници треба да поминат барем неколку објави, за да може да се вршат и споредбени анализи. Но, сепак, првичните резултати се дека значителен дел од даночните должници кои се најдоа на првата листа, ги нема и во втората. Од друга страна, на листата се наоѓаат и нови должници, кои ги немаше во претходната“, велат од УЈП за Утрински весник.
На списокот повторно меѓу поголемите должници има и јавни и комунални претпријатија. Меѓу нив се и „Македонска радиодифузија“, Град Скопје, ЈП „Улици и патишта“, Шумарски факултет, Медицински факултет, ЈП „Комуналец“ Струга, ЈП „Билјанини извори“ Охрид, Агенција за привремени вработувања Прилеп, Општина Охрид , ЈП „Погребни услуги“ Охрид, Општина Дојран...
Најголем должник и на новата листа е фирмата „Индустрија ел азтека“ од Чаир, која должи 17,81 милиони евра, долг кој е дури и малку поголем од оној што го имаше на претходниот список.
Слично
