Нов закон за заштитени сведоци, тоа што СЈО го чека со месеци
Откако СЈО со месеци бараше посебен закон за заштитени сведоци, а повеќе правници даваа и поддршка за измена на актуелниот закон, конечно ќе добиеме предлог законско решение со кое треба да се олесни работата на Катица Јанева во делот на обезбедување на сведоштва и заштита на изворите на информации во многу сензитивните процедури.
„Владата донесе одлука да предложи на усвојување на Собранието на РМ предлог закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци. Целта на оваа предложена законска измена е да се обезбедат услови за спроведување на Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“ соопштија од Владата.
За СЈО секако, се уште не е доцна да ги добие потребните сведоштва преку нов закон но, нивниот мандат за покренување на нови истраги е веќе завршен. СЈО и понатаму ќе може да води постапки пред судот бидејќи мандатот им трае вкупно 5 години за докажување на делата, но секако постапката за законските промени можеше и порано да започне.Пред изборите на 11 декември главни противници на предлозите на СЈО за законски измени беа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои не даваа политичка согласност тврдејќи дека Јанева треба да работи согласно договорените услови.
Иницијативата на СЈО произлезе како резултат на потребата од уредување на надлежноста на СЈО во постапката за заштита на сведоци и е во насока на елиминирање на можноста за поставување на бројни пречки во работата, но тогаш пратениците немаа слух, додека пак опозицијата немаше доволно гласови за да ги поддржи барањата. Но, како што споменавме СДСМ веќе шест месеци го има мнозинството во Собранието на Република Македонија, па затоа подобро подоцна отколку никогаш.
Х.С.
