Нов услов од Фајзер стасал пред три дена: Се уште се усогласува договорот за вакцините
Дополнително барање во однос на договорот со Фајзер стигнало пред три дена од компанијата, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче. Рече дека процедурата се одложила токму поради вакви услови од оваа компанија, а последниот е за одговорноста од евентуални несакани ефекти од вакцината.
„На 30 декември имавме комуникација, кога ни потврдија дека ги исполнуваме условите за да потпишеме договор и оттогаш траат тие разговори. Имаат специфични барања за усогласување на условите за да се внесе вакцината тука, сега имаат и дополнителни барања. Ние го потпишавме договор и го вративме. Сега има некое дополнително барање од пред три дена, за одговорноста при евентуални несакани ефекти, има некои специфични барања и чекаме повратна информација“, рече Филипче.
Инаку најверојатно први вакцини што ќе пристигнат во земјата се тие од АстраЗенека и тоа преку Ковакс системот, но и за тоа нема прецизен датум. Филипче рече дека тој најверојатно ќе се вакцинира со таа вакцина.
Во понеделник ќе се разговара за дополнителни рестрикции.
