НОВ ОГЛАС ЗА ДИРЕКТОРСКА ПОЗИЦИЈА ВО ЈАВНА ИНСТИТУЦИЈА – еве кои се условите за раководител на Државниот управен инспекторат
Владата објави нов оглас со кој бара кандидати за директорска позиција во рамки на јавните институции. Станува збор за именување на директор на Државниот управен инспекторат, а огласoт поставен на веб страната на Владата.
Управниот инспекторат е ограгн во состав на Министерството за јавна администрација, а идниот директор ќе има мандат од четири години. Вообичаено, како и за другите огласи за кандидати за директорски позиции заинтересираните мора да исполнат неколку услови од кои прво да се државјани на Македонија. Потоа не смеат да имаат забрана за вршење дејност, а кандидатите исто така треба да имаат високо образование со најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование од областа на правните науки.
Идниот директор исто така се бара да има најмалку пет години работно искуство по дипломирањето, во соодветната област, како и уверение, сертификат или друг документ за положен испит за познавање на еден од четирите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски и италијански) на ниво Б2 од Европската референтна рамка за јазици, издадени од установа или институција во државата или од странство, регистрирана како давател на оваа услуга. Меѓу другото се бара лицето да има и потврда за активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење.
Заинтересираните исто така мора да исполнат и дополнителни критериуми наведени во огласот. Треба да го опишат својот кариерен развој во изминатите 10 години, да кажат какви се нивните познавања од законите поврзани со позицијата за која конкурираат, но и да понудат свој концепт за управување со неа. Исто така треба да знаат со кои други институции ќе треба да соработуваат, но и да ја познаваат хиерархиската поставеност на институциите.
Кандидатите кои ќе се пријават мора да покажат колку ја познаваат оваа институција со тоа што ќе наведат кои генерални и поединечни ризици очекуваат да се појават при работењето, но и да имаат идеи за нивно надминување. Се бара од нив да наведат и планови за зголемување на приходи, намалување на расходи, број на нови проекти, начини на финансирање, Договори за соработка со надворешни, домашни и странски Институции, соработка со образовни институции, обуки на вработени...
Платата за оваа директорска позиција не се открива, но во огласот е истакнато дека коефициентот за пресметување е утврден согласно Одлуката за утврдување на коефициенти за пресметување на платата на функционерите кои ги именува Владата. Рокот за пријавување е до крајот на месецов, што значи дека заинтересираните треба да бидат побрзи со апликациите.
Од веб страната на управниот инспекторат може да се види дека ова тело е надлежно за надзор над Законот за општата управна постапка, и други закони што содржат одредби за управна постапка. Тие исто така имаат надзор над примена на одредбите за канцелариско работење како и примена на прописите што се однесуваат на административните службеници.
- Главна мисија на инспекторатот е да обезбеди еднакви можности на граѓаните на Македонија во остварувањето и заштитата на своите права пред органите на државната управа, со почитување на принципите на владеењето на правото и правната сигурност.
Нашата визија е да бидеме дел од еден ефикасен систем за остварување и заштита на правата на граѓаните пред органите на државната управа и преку неселективна примена на инструментите на инспекцискиот надзор да дадеме сериозен придонес за создавање на сервисно ориентирана администрација која ќе биде во служба на граѓаните – стои на веб страната на ДУИ.
Инаку моментално вршител на должноста директор на ДУИ е Катерина Марковиќ Јанковска. Дали со овој оглас ќе биде официјализирана нејзината позиција како директор на институцијата, или сепак, Владата ќе се одлучи за нов кандидат, ќе дознаеме наскоро.
Од она што може да се види на веб страната на инспекторатот, повеќе активности и извештаи за работењето имало се до крајот на 2023 година, по што објавата на квартални и месечни извештаи е стопирана, но остануваат годишните извештаи за нивното работење.
П.О.
