Нов обид на власта да ги спаси од камати и долгови јавните претпријатија
Нов обид на власта да ги спаси од каматите и да им ги репрограмира долговите на јавните претпријатија формирани од општините.
Денеска на собраниската Комисија за финансирање и буџет повторно е како точка на разгледување предлог законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и тѕрошоци на јавни претпријатија, кој оди по скратена постапка.
Намерата на власта е овој закон да се изгласа до распуштање на собранието на 12 февруари.
Ова следува откако минатата недела и успеа на Владата да бидат изгласани во Парламентот неколку битни закони, за кои имаше големи критики кај дел од јавноста.
Беа изгласани законските измени со кој беше забранет увозот на отпад кој се користи како извор на енергија, што наиде на поздрав кај еко-активистите пред најавеното распуштање на законодавниот дом на 12 февруари и предвремените парламентарни избори. Собранието ги усвои измените на Законот за управување со отпад, предложени од пратеничките на ДОМ Маја Морачанин и Лилјана Поповска. Законот е усвоен со 62 гласа „за“ од 102 присутни пратеници.
Дополнително, се бришат каматите за долговите на граѓаните кон јавните претпријатија направени до крај на 2017 година. Според законот за отпис на каматите и репрограмирање на долговите и трошоците, со кој се бришат каматите на сите предмети дадени на извршување од страна на јавните и државните претпријатија, доверителите се должни да направат целосен отпис на каматите и репрограмирање на главниот долг.
Покрај овие две законски решенија, предизборно беше изгласан и Законот за субвенциониран студентски оброк. Споре дистиот, предвидени се 2.400 денари месечно за секој студент за студентски оброк, но за тоа дополнително треба да бидат склучени договорин со рестораните.
А додека, пак, законот со кој власта сака да ги спаси од долгови јавните претпријатија, беше блокиран од опозицијата, со поднесени над 3.100 амандмани.
Предложеното законско решение досега беше „заробено“ во собраниските лавиринти, а претходно комисијата беше блокирана.
Од ВМРО-ДПМНЕ објаснија дека со овој закон власта брза да го покрие расипничкото однесување на своите градоначалници и локални директори. „Со овој закон СДСМ има намер пред изборите повторно да им ги прости долговите и штетите од грабежот и расипничкото трошење на народните пари на своите градоначалници и локални директори на јавните претпријатија ширум републиката на штета на граѓаните“, рече тогаш пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
А како што веќе пишуваше Фактор, законот треба да се однесува на долгови на општински јавни претпријатија кои настанале од предмети поднесени за извршување пред извршителите и УЈП заклучно со крајот на 2017 година. Се тврди дека станува збор за еднократна помош што ќе им се даде на јавните претпријатија, со цел да се ослободат од долговите кои ги презеле од општините, бидејќи со толку високи должнички товари и камати тие не можеле нормално да функционираат.
Не е наведено колкава сума на пари би им била просетана на јавните претпријатија.
Законот се однесува само за државни доверители. Месечните рати со кои ќе се плаќаат долговите ќе зависат од висината на доспеаниот долг, како и трошоците, се вели во законот. Притоа, за долг до 5.000 евра, тој ќе може да се плаќа на рати од 12 месеци, а за долгови над 50.000 евра, пак, плаќањето ќе оди во период од пет години.
Во минатото повеќе пати им биле простувани долгови на јавни претпријатија, за што жестоко реагираше јавноста.
Н.Н.Ф.
