Економија, финансии, бизнис

Контакт

Нов кружен тек кај Народна банка: Советот на Град Скопје усвои ребаланс на буџетот со нови инвестиции

Нов кружен тек кај Народна банка: Советот на Град Скопје усвои ребаланс на буџетот со нови инвестиции

Советот на Град Скопје на денешната седница го усвои ребалансот на Буџетот со кој средствата се зголемуваат за дополнителни 166 милиони денари, наменети за нови капитални инвестиции во градот.

Една од клучните мерки е изградбата на нов кружен тек во близина на Народната банка, со цел да се подобри сообраќајната проточност на оваа, една од најоптоварените сообраќајни точки во Скопје.

Од Град Скопје информираат дека зголемувањето на буџетот е резултат на домаќинско и одговорно работење, без нови задолжувања.

Покрај кружниот тек, со ребалансот е предвидена и изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Проектот предвидува околу 500 нови паркинг места, со инвестиција од приближно три милиони евра, што треба да помогне во решавањето на долгогодишниот проблем со паркирањето во клиничкиот комплекс.

Од Градот посочуваат дека институцијата ќе биде задолжена за проектирање, изградба и управување со гаражите, со цел да се избегнат дополнителни поскапувања на паркингот за граѓаните.

Ребалансот предвидува и инвестиции во образованието, преку поставување топлотни пумпи во училиштата, со што постепено ќе се елиминира греењето на нафта. Дополнително се планира поставување фотоволтаици, санација на училишни дворови и поставување нова урбана опрема.

Од Град Скопје нагласуваат дека со овие инвестиции се подобрува инфраструктурата, се унапредуваат условите во образованието и се создаваат подобри услови за живот за граѓаните на главниот град.


Слично

Поврзани вести