НОСЕЊЕТО МАСКИ НА ОТВОРЕНО-ПРВА ТЕМА НА ДЕНЕШНИОТ СОСТАНОК НА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ: Ќе се олабавуваат ли мерките од 1.јуни?
Комисијата за заразни болести на денешниот состанок ќе одлучува
дали од 1.јуни ќе има олабавување на рестриктивните мерки, односно дали целосно
ќе се укине полицискиот час, како и носењето на маските на отворено.
Заменик министерот за здравство Илир Хасани, состанокот го најави во текот на вчерашниот ден, нагласувајќи дека носењето маски на отворено ќе биде прва тема за која ќе дискутираат членовите на Комисијата. Лично смета дека е можно да има олабавување на рестриктивните анти-ковид мерки пред се поради подобрувањето на епидемиолошката состојба во земјава, односно континуираното намалување на бројот на новозаразени со корона вирусот.
-Комисија за заразни болести ќе дискутира за олеснување на мерките. Земјаќи ги предвид бројките, кои укажуваат на многу брзо стивнување на епидемијата, јас сум оптимист дека следната недела ќе има ублажување на мерките. Не би сакал да шпекулирам, кои мерки конкретно. Меѓутоа сите мерки, кои се преземени, ќе подлегнат на уште една дополнителна ревизија. Ние како Министерство за здравство и како Влада, едвај чекаме да ги повелчеме мерките, но без да го ризикуваме здравјето на нашите граѓани“, изјави Хасани.
Посочува дека лично тој е и за целосно укинување на полицискиот час, но како што рече, дефинитивната одлука ќе ја донесе Комисијата за заразни болести.
-Комисијата за заразни болести ќе донесе одлука врз основа на целокупната епидемиолошка ситуација, на параметрите, врз основа на предвидувањата и информациите коишто ние ги имаме во однос на другите сојеви коишто се потенцијален ризик за нашата држава, како на пример индискиот сој и други. Ние треба да бидеме многу внимателни за да го зачуваме здравјето, нагласи Хасани.
Фактор во текот на неделава, повикувајќи се на свои извори од Комисијата за заразни болести пишуваше дека во периодот кој следи најверојатно ќе се препорачаат нови мерки, а дел од сегашните, кои се на сила до 1.јуни ќе престанат да важат.
-Изворот на Фактор брифираше дека актуелната епидемиолошка состојба е навистина поволна, особено што бројот на болничките пациенти е значително намален, а драстичен пад на бројките се забележува и кај новозаразените на дневна основа.
-Ваквата ситуација укажува дека најверојатно од почетокот на јуни ќе препорачаме некои нови мерки, односно ќе разговараме за олабавување на постоечките. Можно е да препорачаме да се укине мерката носење маски на отворено, како и полицискиот час кој сега почнува од полноќ и трае до 4 часот изутрина. Доколку го укинеме полицискиот час можно е и работното време на угостителските локали да се врати по старо, односно до полноќ во деновите од понеделник до петок, и до 1 часот по полноќ за време на викендите. Но секако, тоа се однесува на работењето на локалите само на летните тераси, не во затворено, потенцираат од од Комисијата за заразни болести за Фактор.
Потврда дека целокупната епидемиолошка состојба на територијата на целата земја е поволна е намалениот број на хоспитализираните пациенти во сите ковид-центри и во Скопје и во останатите градови. Според податоците од Министерството за здравство, заклучно со вчерашниот дена вкупно 100 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во болниците во главниот град, а вупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија и во Скопје и во болниците низ земјава е 249 и има околу 538 празни болнички кревети во ковид центрите.
Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.
Анита Буховски