Норвешка профитираше од војната: Рекорден извоз на нафта и скок на заработката
Норвешкиот извоз на стоки во април достигна 176,7 милијарди норвешки круни, односно околу 18,9 милијарди долари, што претставува раст од 20,9 отсто во споредба со истиот месец минатата година, соопшти Статистичкиот завод на Норвешка.
Главна причина за ваквиот раст е поскапувањето на нафтата, предизвикано од конфликтот на Блискиот Исток и блокадата на Ормускиот Теснец.
- Судирот на Блискиот Исток и блокадата на Ормускиот Теснец доведоа до дополнителен раст на цените на нафтата во април - изјави Јан Олав Рорхус, виш советник во Статистичкиот завод на Норвешка.
Тој додаде дека просечната цена на нафтата во април била највисока од јули 2022 година.
Извозот на сурова нафта во април изнесувал 61,4 милијарди норвешки круни, односно околу 6,5 милијарди долари, што е раст од 86 отсто во споредба со истиот период лани. Според норвешката статистичка агенција, тоа е најголемата досега забележана вредност на извоз на сурова нафта.
И покрај силниот скок на извозот на нафта, извозот од копнениот дел на економијата, кога ќе се исклучи енергетскиот сектор, бил намален во споредба и со април минатата година и со март годинава.
Ормускиот Теснец, една од најкритичните поморски точки за испорака на нафта и гас, остана ефективно затворен за поголем дел од бродовите од почетокот на американско-израелската војна против Иран во февруари. Тоа ги наруши глобалните текови на енергенси и товарен транспорт.
Извор: Новости