Нормален министер во „ненормално“ време - Реформите на Тошковски наспроти системските пропусти
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преживеа уште една интерпелација во македонското Собрание, ја доби довербата од пратениците на владејачкото мнозинство и не ги послуша повиците на опозицијата да си поднесе барем оставка од морални причини по бројните системски пропусти на македонската полиција.
Сериски убиства, насилство врз жени од пандемиски размери, малолетничка деликвенција и невиден булинг, и секако системската корупција и организиран криминал кои доведоа до најголемата трагедија во македонската историја, кога при пожар во нелегалната дискотека Пулс загинаа 63 млади луѓе.
Тошковски еднаш за себе даде квалификација дека е првиот нормален министер за полиција по подолго време. Тоа значи дека сѐ што е поврзано со скандалозните системски пропусти е резултат на едно „ненормално“ време.
Во одбраната од интерпелацијата поднесена од пратениците на Левица, владејачкото мнозинство посочи дека успесите на првиот човек на МВР се многу позначајни, како што се системските реформи, разбивањето на повеќе нарко групи и групи на организиран криминал, зголемената количина на заплена на дрога, расветлувањето на бројни убиства и мафијашки пресметки.
Сенките над Тошковски
Од МВР и останатите надлежни институции како јавното обвинителство никогаш не излегоа со јасно објаснување како жртви на сериски убиец во кумановскиот регион при очигледни знаци на насилна смрт со полово сквернавење биле прогласени за „природна причини”, па беше потребна ексхумација и одново вештачење за да се утврди дека навистина биле жртви на сериски убиец кој покоси повеќе жени пред да биде фатен од органите на прогонот.
Стравичните детали од случајот на Ивана која беше принудена на самоубиство при што со себе ја однесе и малата ќеркичка на соголи реалноста со која се соочуваат бројни жени на семејно насилство. Полицајците во многу вакви случаи реагираат рамнодушно, оставајќи ги модриците и лелеците на „брачни” проблеми и реагираат дури откако жената и нејзини блиски ќе бидат убиени.
За волја на вистина министерот вети дека ќе преземе систематски мерки за да се превенира бројот на фемициди и дека полицијата ќе добие нови насоки за постапување во вакви случаи.
Во однос на малолетничката деликвенција и бруталниот булинг меѓу врсници најавени се исто така мерки од МВР и Министерството за образование, но неопходно е порешителна демонстрација на институционална волја и акција дека ваквите случаи повеќе нема да се толерираат, а уште помалку да ескалираат како случајот Рибникар во Србија.
Системот (не) треба да зависи од еден човек
Тошковски се покажа како ефикасен технократ кој може да воведе „ред”, како што направи во средувањето на хаосот со издавање лични документи кој го наследи од Оливер Спасовски кога беше само технички министер, и со воведувањето на системот Сејф сити за регистрирање на сообраќајни прекршоци преку смарт камери.
Можеби и затоа дел од јавноста му „прогледува” низ прсти, бидејќи е создаден впечаток дека навистина е редок тип политичар кој може да воведе системски реформи и промени, а тие процеси со некое ново министерско име може да бидат нарушени или уназадени.
Но, истовремено околу Панче Тошковски се создава и една аура на политичка недопирливост, односно без оглед каков и скандал да се случи, неговата функција е гарантирана, и сето тоа во име на „реформите”.
Интерпелацијата е во секој случај политички инструмент на пратениците за да ги повикаат на одговорност самите министри и избрани функционери, но зависи од бројките во парламентот, а не од меродавните факти.
Затоа тука мора да настапи притисокот од јавноста, бидејќи најмалку што ни е потребно е нов „недопирлив“ министер за полиција.
Х.С.