НВИДИА ГИ НАДМИНА ОЧЕКУВАЊАТА - продажбата на чипови се зголеми за 73 проценти
Американскиот производител на чипови „Нвидиа“ објави резултати за изминатиот квартал кои ги надминаа очекувањата на аналитичарите, првенствено благодарение на силниот раст на побарувачката во сегментот на центри за податоци.
Приходите во таа дивизија, која вклучува чипови за вештачка интелигенција и сродни компоненти, пораснаа за 73 проценти на годишно ниво, додека вкупните приходи на компанијата скокнаа за 69 проценти.
Прилагодената заработка по акција изнесуваше 96 центи, додека аналитичарите очекуваа 93 центи. Вкупните приходи достигнаа 44,06 милијарди долари, во споредба со прогнозите од 43,31 милијарди долари.
Сепак, компанијата изјави дека нејзината прогноза за следниот квартал би била за 8 милијарди долари повисока доколку не беа новите американски ограничувања за извоз на чипови H20 во Кина.
Поради ограничувањата за извоз во Кина, компанијата сега очекува приходи од околу 45 милијарди долари, додека аналитичарите на LSEG прогнозираа 45,9 милијарди долари.
Извршниот директор на „Нвидија“, Јенсен Хванг, изјави дека кинескиот пазар од 50 милијарди долари за чипови со можности за вештачка интелигенција сега е во суштина затворен за американската индустрија.
Компанијата откупи акции во вредност од 14,1 милијарди долари во текот на кварталот и исплати дивиденди од 244 милиони долари, а забележа и раст на профитот во секторот за игри, автомобилската индустрија и роботиката, како и во професионалната визуелизација, пренесуваат медиумите.
Најновите резултати на Nvidia ја потврдуваат нејзината позиција како водечки добавувач во индустријата за вештачка интелигенција, а глобалната побарувачка за нејзината инфраструктура останува „исклучително силна“, рече Хванг.
