Ниту половина од фирмите не ја исполниле законската обврска за фискални каси со ГПРС уред!
Санкции ќе следат за фирмите кои нема да ја испочитуваат законската обврска и до крајот на месецов не набават фискални каси со ГПРС уред, најавуваат од УЈП.
За фирмите чиј промет во претходната година надминува 10.000.000 денари, понатаму обврзниците кои вршат угостителска дејност и кои вршат промет на нафтени деривати на мало (бензински пумпи), рокот истекува на 31 октомври. Но, досега само 3.348 даночни обврзници од вкупно 8.900 кои имаат ваква обврска регистрирале ваков уред.
„Рокот за сите други даночни обврзници е до 31 јануари 2015 година. За невоведување на фискален апарат со ГПРС уред законот предвидува времена мерка забрана за вршење на дејност, како и парични глоби за одговорното лице и правното лице“, предупредуваат од УЈП.
Со втората група, за која рокот истекува на 31 јануари догодина, бројот на фирми со ваков фискален апарат треба да се искачи на околу 50.000. Преку нив УЈП ќе има увид кога работат касите и полесно ќе открива кои фирми затајуваат данок.
Трошоците за ваквите фискални каси треба да бидат покриени од буџетот преку намалување на данокот за компаниите во износ колку што чини фискалниот апарат.
Слично
