„НИТУ БЕВМЕ ДИВИ, НИТУ НЕПИСМЕНИ, А УШТЕ ПОМАЛКУ ЗАВИСНИ ОД ЕВРОПСКИТЕ РЕВОЛУЦИИ“: Димовски за градењето на народниот идентитет
Оваа симплификација создава впечаток на интелектуална инертност иинфериорност, културна подреденост или, пак, прекумерно влијание на туѓи перспективи врз сопствените наши процеси на формирање на македонската национална самобитност.
Народниот идентитет не е синоним за политичката нација.
Балканските народи, вклучително и Македонците, не чекале на вестите за Француската револуција за да почнат да ги негуваат своите јазици, традиции, митови и култури. Напротив, овие процеси се длабоко вкоренети во историјата, далеку пред модерната ера. Ниту бевме диви, ниту неписмени, а уште помалку зависни од европските револуции за да го осознаеме сопствениот идентитет.
Првиот наметнат манипулативен концепт е идејата дека градењето на нациите е исклучиво модерен феномен од 19 век. Оваа теза, иако делумно точна за политичките нации во Западна Европа, не може да се примени на балканскиот контекст.
Во Европа, политичките нации се формирале преку интеграција на различни етнички и културни идентитети под единствен државен апарат, често во рамките на католички монархии. На пример, италијанската нација, создадена во 19 век, обединила региони со толку различни јазици и култури што дијалектите во Сицилија и Пиемонт биле меѓусебно речиси неразбирливи. Спротивно на ова, балканските словенски народи, иако со одредени, но помали од италјанските, јазични и културни варијации, не поминале низ сличен процес на политичко обединување во 19 век. Обидот за создавање на југословенска нација во 20 век, било во форма на монархија или социјалистичка република, беше неуспешен обид за наметнување на европоцентричниот модел.
Додека соседните држави инвестираат во научни центри и публикации за да ги зајакнат своите историски тези, македонските институции до сега ретко продуцираа конкурентни контранаративи. Паралелно, во нашата земјата се присутни различни домашни актери, од поранешни политичари кои промовираат туѓи историски концепти, преку сомнителни општествени структури што фаворизираат српски, грчки, бугарски или други регионални интереси и наративи, до финансиски фондации кои поддржуваат проекти со асимилаторски цели, како што се поддршка на верски објекти (од сите религии) или училишта со туѓи културни агенди.
