„Ниту 600 евра плата не е доволна за граѓаните да го преживеат месецот“: СДСМ бара да се прифатат предлозите за намалување на даноците
Колку треба да поскапи лебот, колку треба да поскапат цените на храната за Христијан Мицкоски конечно да преземе мерки? Мицкоски секојдневно ги лаже граѓаните, вели дека владата ја следела состојбата додека цените растат а стандардот на народот паѓа. Празните фрижидери и празните џебови не можат да го чекаат Мицкоски.
Ова го посочуваат од опозициската СДСМ, од каде укажуваат дека иако навреме предупредиле оти растот на цените на нафтата ќе предизвика бран поскапувања на храната.
- Денес тоа се случува. Поскапува лебот. Веќе се поскапени зејтинот, јајцата, млекото, овошјето и зеленчукот. Мицкоски ги држи граѓаните во сиромаштија. Без мерки. Со најниски плати во Европа. Владата одби да ја покачи минималната плата на 600 евра. Од овој месец минорни 1.667 денари ќе биде покачувањето на платите. Во оваа скапотија – тие пари немаат никаква вредност - нагласуваат од СДСМ.
Од опозицијата велат дека 2 килограми домати, 2 килограми краставици, табла јајца и 4 литри бензин вредат 1.600 денари денеска.
- За само три месеци, растот на цените изеде над 2.500 денари од буџетот на граѓаните.
Синдикалната минимална кошница достигна речиси 68.000 денари. Сега ниту 600 евра плата не е доволна за граѓаните да можат да го преживеат месецот.
Наместо да штити тесни бизнис интереси, Владата мора веднаш да преземе мерки и да ги прифати сите решенија на СДСМ:
Намалување на ДДВ на горивата од 18% на 5%. Намалување на акцизата за 4 денари. 0% ДДВ за основните прехранбени производи. Преполовување на патарините.
Граѓаните не можат да чекаат - нагласуваат на крајот од соопштението.
Слично
