Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ниското образование, недостатокот од вработување и ниските приходи влијаат на ризикот од сиромаштија

Ниското образование, недостатокот од вработување и ниските приходи влијаат на ризикот од сиромаштија


Секој петти Македонец живее во сиромаштија. Проблемот е најголем кај најмладите, а најмал кај повозрасните граѓани. Во земјава 450.000 луѓе живеат во сиромаштија, односно со помалку од 6.500 денари месечно, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Семејствата со три и повеќе деца се во поголем ризик од сиромаштија. Сето ова укажува на потребата од редефинирање на мерките на социјалната заштита и комбинирање со други мерки за помош на лицата кои живеат во ризик од сиромаштија, вели во интервју за Фактор Маја Геровска Митев професорка на Институтот за социјална работа и социјална политика при УКИМ и продекан на Филозовскиот факултет. Повод за разговорот беше Меѓународниот ден за борба против сиромаштија 17 октомври.

Прашања за г-ѓа Маја Геровска Митев, продекан на Филозофскиот факултет, професор на Институтот за социјална работа и социјална политика при УКИМ

Фактор: Во Македонија 445.000 граѓани живеат во ризик од сиромаштија, ова е фрапантен податок и неопходно е итна реакција. Како?

Геровска Митев: Мерките за „рекација“ се содржани во системот на социјална заштита на Р. Македонија. Имено, сите лица кои немаат приходи или кои имаат ниски приходи имаат право на социјална парична помош. Ова право е условно речено последна системска мерка, кое одкако ќе се искористат останатите можности во системот на социјално осигурување и социјална заштита, ја има улогата на социјална сигурносна мрежа. Сепак, ефективноста на овој инструмент во справување со сиромаштијата е прилично ниска, што говори и официјалниот статистички податок од 2015 година дека социјалните трансфери во РМ (со исклучок на пензиите) го намалуваат ризикот од  сиромаштија за само 13.3%, што е многу пониско од просекот во ЕУ каде социјалните трансфери (со исклучок на пензиите) го намалиле ризикот од сиромаштијата за 33.7%.

Фактор: Највисок степен на сиромаштија имаат семејствата со три или повеќе деца, се чини дека ова е контрадикторно се некои претходни инсистирања за трето дете итн. Велите потребно е редефинирање на мерките за социјална заштита. Што најитно треба да се превземе како мерка?

Геровска Митев:Стапката на сиромаштија кај домаќинствата со три и повеќе издржувани деца е континуирано висока во РМ, и во 2015 изнесувала 52.2%. Овој податок сам по себе упатува на итност повеќедетните домаќинства со ниски приходи да бидат опслужени со поинакви системски мерки од социјална и детска заштита. Можни решенија за подобрување на некои од овие состојби се: овозможување социјалната парична помош да претставува „пасош“ за други права во доменот на образование, здравство, домување и сл., со што ќе се олеснат директните трошоци кои ги имаат ранливите категории во пристапот до споменатите услуги; поврзување на основицата на социјалната парична помош со референтна мерка, како на пр. со линијата на сиромаштија, или со висина на минимална гарантирана плата и сл. заради обезбедување поголема адекватност на социјалните трансфери. Инаку, споменатата мерка за родителски додаток за (трето) дете примарно беше воведена како пронаталистичка мерка, и истата не е поврзана со висината на примањата на членовите во домаќинството. Тоа значи дека нејзини корисници не се примарно ниско приходни групи, и одтаму таа и не даде видлив придонес кон намалувањето на сиромаштијата кај повеќедетните домаќинства.

Фактор: Домашните статистики иако бележат намалување на невработеноста, која се смета за клучна причина за сиромаштијата?

Геровска Митев: Во Р. Македонија има поголем број на фактори кои поединечно или придружно влијаат на ризик од сиромаштија. Квантитативните репрезентативни истражувања кои досега сме ги работеле во РМ ни покажуваат дека кај  домаќинствата кои се соочуваат со ризик од сиромаштија и социјална исклученост, големо влијание имаат следниве фактори: живеење во регионот со низок БДП по глава на жител (пр. североисточниот регион), припадност на помалку застапена етничка заедница (пр. Роми), живеење од социјална помош, недостаток на основно образование (домаќинства каде главата на домаќинството нема основно образование или нема завршено основно образование), недостаток на вработување (главата на домаќинството е невработено лице), како и големината и структурата на домаќинствата (брачните двојки и домаќинствата со деца се повеќе погодени со сиромаштијата, додека домаќинствата без деца и домаќинствата со стари лица се повеќе погодени со материјална депривација). Врз основа на ова може да се каже дека ниското образование, недостатокот од вработување и ниските приходи се генерички фактори кои влијаат на ризикот од сиромаштија, додека други специфични фактори за сиромаштија и социјална исклученост во Република Македонија се етничката припадност, регионот (местото на живеење) и типот на домаќинство.

Фактор: Расте бројот на граѓани што немаат пари да ги задоволат ниту основните животни потреби. Според еден извештај на Светска Банка бројот на луѓе во Македонија што живеат со помалку од 2 долари на ден ( што е параметар за дефиницијата за сиромшатија) во 2012 та година се зголемил на 140 000. Дополнително изминатиов период јазот меѓу богатите и сиромашните се продлабочува?

Геровска Митев:Според последните достапни официјални податоци за распределбата на приходите во РМ, јазот постепено се намалува, односно индикаторот кој ја мери нееднаквоста на приходите – Џини коефициентот во 2013 година изнесувал 37%, додека во 2015 тој се намалил на 33.7%.Дел од причините кој придонеле за ваквото намалување може да се согледаат во  воведувањето на гарантираната минимална плата. Сепак, постои уште простор за подобрување на редистрибуцијата во Република Македонија, при што зголемувањето на висината на одредени социјални трансфери и обезбедувањето универзален пристап до одредени социјални трансфери можат да придонесат за уште поголемо ублажување на разликите меѓу лицаат кои припаѓаат на различни приходни групи. 

Фактор: Едно четиричлено домаќинство, со двајца возрасни и две деца живее со 2 171 евро годишно, или 180 евра месечно. Во ваква состојба се скоро 24% од домаќинствата. Вашингтонскиот “Институт Кејто“ ја рангираше Македонија на 11 то место од вкупно 90 анализирани земји според длабочината на сиромаштија? 

Геровска Митев:Длабочината на сиромаштијата или јаз на сиромаштијата како индикатор говори колку сиромашните лица се „одалечени“ од официјално утврдената линија на сиромаштија, или уште колку им недостасува за да излезат од сиромаштијата. Ако во РМ во 2015 година официјално утврдената линија на сиромаштија изнесувала 6.530 ден. месечно, а висината на социјалната парична помош за истата година за едно лице изнесувала 2451 денар, доколку ова лице немало други приходи, значи му недостасувале уште 4000 денари за да не биде во ризик од сиромаштија.  Инаку, официјалниот статистички извор на податоци во РМ  (Државниот Завод за статистика) ја мереше длабочината на сиромаштијата до 2011 година, кога  индексот на длабочина на сиромаштија изнесуваше 9.3%. Од 2010 година официјалната статистика го смени расходниот метод за мерење на сиромаштија и започна со приходниот пристап на мерење на сиромаштијата. Иако, ваквата промена обзбеди основа за споредување на трендовите на сиромаштија со останите држави во Европската Унија, сепак напуштањето на расходното мерење на сиромаштијата  не остави покуси за можност за посеопфатно анализирање на овие состојби.

Р.Ф

Слично

Поврзани вести