Нина Ангеловска задоволна од состанокот со банкарите, кои ќе треба да изработат 300.000 платежни картички
Нина Ангеловска, министерката за финансии, објави дека е задоволна од вчерашниот сотанок со раководителите на деловните банки во Македонија кои ќе треба во наредниот период да изработат околу 300.000 платежни картички преку кои невработените, нископлатените работници, студентите и средношколците ќе добијат пари од државата како дел од третиот сет економски мерки заради зголемување на потрошувачката.
„Вчера имавме конструктивен состанок со банките за домашната платежна картичка. Ги дискутиравме деталите, очекувањата и целите. Банкарскиот сектор треба да има клучен придонес на патот кон безготовинско општество, кое е долгорочна стратегија чија реализација може да биде забрзана во услови на оваа COVID криза со која се соочуваме“, напиша Ангеловска на својот профил на Фејсбук.

Фактор дознава дека програмата најверојатно ќе се води со помош на Мастеркард и картичките ќе се внесуваат во системот на картично плаќње на малите трговци во земјата. Трговците кои немаат пос терминали ќе ги добијат бесплатно. Но деталите за тоа кога ќе се изработуваат, како ќе се аплицира за картичките, советникот на премиерот, Фатмир Битиќи, ги најави за две до три недели кога ќе бидат донесени и посебни уредби за тоа.
