НИМИЦ ПО СРЕДБАТА СО АХМЕТИ: Многу ги почитувам неговите ставови
Медијаторот Метју Нимиц попладнево по средбата со претседателот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека имале конструктивни разговори, потенцирајќи дека секогаш добива добри совети од Ахмети.
„Многу ги почитувам неговите ставови и секогаш добивам добри совети од него. Разговаравме и за тоа дека процесот напредува. Добив и уверување дека ќе игра конструктивна улога во напорите да се изнајде фер и разумно решение“ - изјави Нимиц.
Ахмети вели дека му дава целосна поддршка на Нимиц во неговата мисија за решавање на спорот со името.
„Ние му даваме целосна поддршка на Нимиц во оваа многу значајна мисија што ја има и се надеваме дека што е можно поскоро ова прашање да има епилог затоа што има големо влијание врз нашата иднина, но и врз мирот и стабилноста“ - рече Ахмети.
Тој не сакаше да коментира за предлози за името, затоа што како што рече, тоа нема да му служи на процесот.
Рече дека очекува компромис што бил бил прифатлив и за македонската и за грчката страна.
Нимиц денеска оствари средби и со државниот врв и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
