Нимиц: Новата Влада во Скопје сака да ја реактивира надворешната политика
Специјалниот претставник на Обединетите нации во разговорите за прашањето за името меѓу Грција и Македонија, Метју Нимиц, изјави дека постои „нов импулс“ во напорите за наоѓање решение за проблемот.
Тој вели дека по неколкугодишен парламентарен ќор-сокак, сега има нова Влада во Скопје, која е сака да ја реактивира надворешната политика во регионот, а очигледно спорот за името е голема пречка на патот за интегрирање во ЕУ и за членство во НАТО.
„Ова прашање е високо на агендата на новата Влада и затоа сметам дека тоа е нов импулс“ – изјави Нимиц во интервју за Независната балканска новинска агенција (ИБНА).
Тој оваа изјава ја даде по средбата со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас.
Тој рече дека не дал никакви предлози и дека сега е време да се разговара за основните концепти.
На прашањето кои се следните чекори, Нимиц вели дека во следните неколку месеци ќе биде во контакт со двете страни и дека ќе се развие план како да се придвижат преговорите напред.
Нимиц минатиот месец за време на посетата во Скопје порача дека не треба да се очекуваат драстични промени во следните неколку месеци, затоа што сега не е време за финални предлози.
