Нимиц: Мразев да кажувам ПЈРМ, затоа сакав побргу да се реши спорот
Скопје во раните денови од осамостојувањето сметаше дека ставот на Атина ќе омекне по прашањето со името, но тоа видовме дека не се случи ниту по три децении. Напротив, Грција ги укоруваше сите високи политички претставници кога ќе го споменеа зборот „Македонија“ наместо привремената референца. Ставот не стана поумерен ниту со текот на времето како што имаше обиди да се изврши притисок над Грција и со признавањето на голем број членки на уставното име, вели Метју Нимиц во својот разговор за БИРН по потпишувањето на јунскиот договор од Преспа и завршувањето на неговата тридецениска мисија.
Медијаторот во детали се навраќа на својот личен придонес во надминувањето на спорот со името.
- Јас лично сакав Македонија да влезе во НАТО и ЕУ заедно со Романија и Бугарија. Стравував дека овие сојузи потоа ќе се затворат и дека нема да примат нови членки. Како и да е, мразев да го кажувам целосното име Поранешна Југословенска Република Македонија, сите ми се смееја во Обединетите Нации и си реков дека морам што побргу да ги раздвижам работите во позитивен правец“ , додава медијаторот,
Посредникот наведе дека и внатре-политичките проблеми во двете земји го кочеле процесот, но добро е што бил надминат и големиот предизвик по Самитот во Букурешт 2008 кога Македонија во последен момент не влезе во групата на нови членки на НАТО со Хрватска и Албанија.
Нимиц вели дека најголем проблем претставувала „антиквизацијата“ и менувањето на имињата на патишта, објекти и институции во Македонија, но коцките се поклопиле со доаѓањето на новите влади во Грција и Македонија.
- Во ОН има посебно место во графите за тоа како се викаат земјите-членки и таму нема ништо поврзано со идентитетот, националноста и јазикот. Таму ќе се замени само името. Верувам дека договорот од Преспа ќе успее, бидејќи беа потребни 25 години за да се постигне истиот. Замислете што би можело да се случи ако не успее, зарем ќе се чекаат нови 25 години, или пак НАТО и ЕУ да ги затворат вратите. Ако вие не сакате да ги решите вашите проблеми, тогаш никој друг нема да се грижи за тоа - вели Нимиц.
Нимиц ќе се пензионира откако и официјално ќе заврши еден од најкомплицираните спорови на европско тло. Тој додава дека секогаш ќе има специјални чувства за Грција и Македонија, но и дека со олеснување ќе се пензионира.
