Нимиц ќе ја заврши „турата“ средби па ќе следи изјава
Медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц уште од утрото ги започна средбите со македонскиот државен врв, а претпладнево се сретна со македонскиот премиер Зоран Заев, но конкретни изјави за суштината на разговорите ќе има откако сите средби кои се предвидени ќе завршат.

Претходно, во вилата „Водно“, Нимиц разговараше со претседателот Ѓорге Иванов, а попладне ќе има срдби и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и со претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.
Официјална изјава за посетата и ефектите од разговорите во Скопје медијаторот Нимиц, според најавите од МНР, ќе даде по средбата со шефот на дипломатијата, Димитров.

Нимиц во Македонија дојде вчера и по пристигнувањето само кусо порача дека „по Атина очекува добри разговори и во Скопје“.
- Имавме добри средби во Атина. Се надеваме дека ќе имаме добри средби и тука. Се радувам на средбите со Владата и со другите лидери, изјави посредникот Нимиц по пристигнувањето во Скопје.
Грчките медиуми и натаму тврдат дека главен предлог кој ќе биде претставен од грчка страна е терминот ГорнаМакедонија споено без превод на англиски кој го застапува наводно и министерот за надворешни работи Коѕијас.
