Нимиц гледа решение кое нема да задира во идентитетот
Медијаторот Метју Нимиц гледа можност за решение на спорот за името меѓу Македонија и Грција кое нема да го загрози чуството на идентитет кај ниту една страна со избор на географска одредница. По разговорите во Грција и Македонија, Метју Нимиц во интервју со Николета Критику, кое беше пренесено на вестите на Еуроњус на италијански јазик , рече :
"Прашањето за идентитетот на северниот сосед е многу важно. Двете држави би можеле да прифатат решение што не навлегува или го нарушува нивниот идентитет. Секој народ си има свое чувство на идентитет и секоја промена е тешко да се прифати. Но, мислам дека е можно да се најде прифатливо решение за двете земји", вели Нимиц.
Тој објасни дека предложената рамка за преговорите со 5 предлози за решение за името не е финална и дека двете страни може да дадат и свои други предлози или идеи.
Грчките медиуми , како Прототема и други , го пренесуваат интервјуто на Нимиц под наслов ,,Времето не е на наша страна” . Во воведниот дел на написите во грчките медиуми се потенцира најлошото сценарио од преговорите.
„Не мислам дека времето тече во наша полза. Ситуацијата се менува, владите се менуваат. Не знаеме што ќе се случува во Грција за две години. Не знаеме ниту што ќе биде со Владата во Скопје. Може да се случат настани што ќе ја отежнат ситуацијата и ќе направат во иднина уште потешко да се пронајде решение“, вели Нимиц во интервјуто говорејќи кое би било најлошото сценарио доколку дојде до одолговлекување на преговорите.
