Никос Коцијас: Осум нови градоначалници не го почитуваат уставното име во Северна Македонија
Никос Коѕијас, поранешниот министер за надворешни работи и потписник на Преспанскиот договор, во својата последна колумна за „Катимерини“ пишува дека грчката влада треба да ги пријави во Обединети нации сите прекршувања на спогодбата што се прават во моментов од ВМРО-ДПМНЕ.
„Грчката влада мора да ги евидентира и да ги изложи во ОН сите прекршувања на договорот од страна на раководителите на ВМРО и членовите на партијата. Не треба да се потценува употребата на незаконското име „Република Македонија“ од осум новоизбрани градоначалници.
Некои несовесни луѓе во Атина треба да сфатат дека фактот што националистичките сили во Северна Македонија не го сакаат договорот од Преспа и го наведоа Заев да поднесе оставка е знак дека договорот е сè освен „предавство“ од наша страна“, напиша Коѕијас во дел од својата колумна во која се анализиреаат состојбите на Балканот, но и зошто премиерот Зоран Заев си даде првично оставка како премиер на владата.
Коцијас побара Атина што е можно побргу да ги ратификува во парламентот трите меморандуми со Северна Македонија.
„Владата мора во најбрз можен рок да ги претстави пред Комората. Опозицијата мора да сноси одговорност и со оглед на зголемените знаци на дестабилизација во регионот, не смее да се занимава со ова прашање со надеж дека ќе добие тактичка предност.
Напротив, треба да придонесе за унапредување на имплементацијата на Договорот од Преспа за да се избегне зајакнување на поагресивните сили во регионот“, додава поранешниот дипломат.
