Економија, финансии, бизнис

Контакт

Николовски за извештајот од ЕК: Петките со кои Заев сака да се пофали всушност се двојки

Николовски за извештајот од ЕК: Петките со кои Заев сака да се пофали всушност се двојки

Петките со кои Заев сака да се пофали во јавноста, всушност се двојки, вели Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ на забелешките во извештајот на Европската Комисија.

Додава дека практично и не постои област во која што е постигнат чист напредок и нема никакви забелешки во однос на работењето на оваа Влада. 

„Доколку внимателно се прочита извештајот во ниту една од клучните области како што се јавната администрација, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, нема оценка дека е направен добар напредок, туку секаде пишува дека е постигнато одредено ниво на подготовка што преведено школски е двојка. Граѓаните очекуваат СДСМ да си го исполни ветувањето што го даваше пред избори, а тоа беше прилично конкретно, евроатлантска интеграција на Македонија за шест месеци. Засега единствениот резултат после една година работа е зголемување на корупцијата. Оваа препорака за почеток на преговори Македонија ја добиваше седум години по ред. Мора да констатираме дека позитивен извештај за Република Македонија не е новина, туку нешто што го гледаме од 2009 година навака. Јасно е дека без разлика какви се извештаите што ги добива Македонија, отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ зависи исклучиво од решението на проблемот кој што Република Грција го има со нашето уставно име“ - вели Николовски. 

Смета дека за граѓаните на Македонија е најважна економијата бидејќи тие, за разлика од Заев се мачат да преживеат од први до први. Европската комисија во извештајот за напредокот констатира дека „има клучни слабости во економијата“.

„Во извештајот Брисел говори за „недостатоци во деловното опкружување, како што се слабото спроведување на договорите и големата сива економија. Структурните проблеми на пазарот на трудот се рефлектираат во ниската активност и високи стапки на невработеност. Фискалната политика е насочена кон краткорочни мерки и нема траен план за консолидација. Економијата сеуште страда од слабости во планови, ниските стапки на иновации и значајни недостатоци во инвестициите, вклучувајќи ја особено и јавната инфраструктура“ - рече Николовски. 

Според него, останува горчливиот впечаток дека Македонија и Албанија се во ист пакет. Македонија е земја кандидат за членство од 2005 година, а Албанија е земја кандидат за членство од 2014 година. Со неспособноста на оваа Влада се изедначуваме со држава која беше 9 години позади нас, рече Николовски.

Слично

Поврзани вести