Николовски со фотографија: Меџити му станува сосед на Таравари во Тафталиџе
Пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на денешната собраниска седница излезе со фотографија на која наводно е прикажана новата куќа на кандидатот за нов министер за здравство од АА, Фатмир Меџити, во Тафталиџе.
За истата, Николовски тврди дека е во непосредно соседство со партискиот лидер на Меџити, градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари. Според Николовски, Меџити треба да објасни како од, како што рече, една скромна барака се прави луксузна хациенда во населбата Тафталиџе.
Претходно за имотот во Тафталиџе што го стекнал лидерот на Алијанса за Албанците излегоа медиумски информации дека претходно бил во (ко)сопственост на бизнисменот Исмаил Јахоски, кој е поранешен градоначалник на Пласница, a моментално е пратеник од редовите на ДУИ
„Фатмир Меџити треба на јавноста да и објасни како од една скромна барака во моментот гради една голема хациенда од 336 метри квадратни, ни помалку, а ни повеќе во елитната скопска населба Тафталиџе и ни помалку, ни повеќе како прв комшија на Арбен Таравари. Како на улица Бриселска 18А гради хациенда од 336 метри квадратни, еве можете да ја видите од една перспектива, и еве од друга перспектива. Ова е како изгледа политичката корупција во Македонија и треба да објасни Фатмир Меџити како од сите локации во градот Скопје одбрал локација токму карши со подарената куќа на неговиот пријател и претседател на партијата Арбен Таравари. Вака почитувани пријатели изгледа политичката корупција“ рече Николоски.
