Николовски: Претходната влада продала пченица од резервите по многу ниска цена и нанела голема штета
Министерот за земјоделие Љупчо Николовски откри дека главна причина за дисбаланс на пазарот на пченица е одлуката на претходната влада која во мај годинава продала 21.000 тони пченица од државните резерви. Пченицата била купена по 14 денари за килограм, а е продадена по шест, со што е нанесена голема штета.
- Оваа непромислена одлука на претходната влада оди на директна штета на земјоделците и таа го прави дисбалансот на пазарот, истакна Николовски.
Како што информира, до крајот на овој месец ќе се знаат производната и пазарната цена. Тоа ќе биде еден од показателите за преземање соодветна мерка, а паралелно се следи и состојбата на терен. Исто така, овие денови ќе се одржи заедничка средба со производителите и откупувачите на која ќе бидат соопштени предвидените политики.
– Се прават последните анализи на ниво на потсекторски групи. Не сакаме да шпекулираме околу цената на пченицата, да даваме паушални изјави, без соодветни истражувања, подвлече министерот Николовски.
Годинава, рече, се засеани околу 74.000 хектари лебно жито или 6.000 помалку од лани. Главната причина за намалените површини се неповолните временски услови.
