Николовски: Од петокот ИПАРД програмата е суспендирана во Македонија по апсењето на Стоилев
Љупчо Николовски од СДСМ денес објави дека ИПАРД 3 програмата е стопирана и дека илјадници земјоделци се без исплата, по коруптивниот скандал и апсењето на директорот на Илија Стоилев, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„На денешната прес-конференција сакам да ја информирам јавноста дека информациите коишто ги споделив со вас за можната суспензија на ИПАРД 3 програмата се покажаа како точни.
Во петокот околу 16 часот, од страна на националниот координатор за авторизација преку механизмот за суспендирање на плаќања, е донесена и дистрибуирана до македонските власти одлука за суспендирање на ИПАРД 3 програмата, односно одлука за суспендирање на плаќањата во ИПАРД 3.
Одлуката стапила на сила веднаш, на неопределено време, се до исполнување на одредени услови и акциски планови. Оваа суспензија опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици“,објави Николовски.
За оваа одлука, според информациите на СДСМ, известена е Владата, вицепремиерот за европски прашања, министерката за финансии и министерот за земјоделство.
„Оваа суспензија е срам за државата, но и потсетник дека мора итно да ги заштитиме европските вредности, институционалната одговорност, чесноста и професионалноста во работењето. Јас лично ќе бидам првиот кој ќе иницира конкретни мерки и ќе бара одговорност од сите што ја доведоа државата во ваква состојба по вторпат во овие 15 години“, додаде пратеникот и поранешен министер за земјоделство.
Како што претходно објавија од опозицијата, ИПАРД програмата преку Платежната агенција носи десетици милиони евра субвенции од ЕУ за инвестиции во македонското земјоделство секоја година.
Слично
