Економија, финансии, бизнис

Контакт

Николовски ќе се испроба во одбраната, Спасовски пак ќе биде прв полицаец

Николовски ќе се испроба во одбраната, Спасовски пак ќе биде прв полицаец

Бујар Османи и Никола Димитров практично ќе си ги сменат местата во новата влада што ќе ја формираат СДСМ, ДУИ и ДПА. 

Фактор дојде до речиси сите имиња кои ќе ги имаат клучните министерски и државни функции во наредниот четиригодишен период. 

На новата Влада, како што веќе и е познато на јавноста и тоа беше јавно соопштено, премиер ќе биде Зоран Заев, со тоа што во последните 100 дена до истекот на мандатот, ДУИ ќе предложи свој кандидат за премиер, кој нема да биде технички, а тоа се смета како знак на добра воља од страна на СДСМ. 

А во својот „матичен“ ресор се враќа и Оливер Спасовски, па тој во следните четири години повторно ќе раководи со Министерството за внатрешни работи. Спасовски беше таму се до трети јануари годинава, кога беше формирана техничката влада, а на чие чело седна тој како технички премиер. По ова премиерско искуство, во кое му се погоди да биде прв владин човек и за време на ковид кризата, Спасовски сега повторно ќе ја менаџира полицијата, која е задолжена за одржување на јавниот ред и мир во земјава. 

А како своевидено изненадување е името на Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ и човек од доверба на лидерот Зоран Заев, кој ќе биде министер за одбрана. Николовски на стартот на претходната Влада беше министер за земјоделство, а потоа оттаму се повлече за да и се посвети целосно на паријата како генерален секретар, но сега повторно ќе се испроба и во министерскиот води, и ќе управува со Министерството за одбрана, каде палката ќе ја преземе од Радмила Шекеринска.  

Шекеринска, пак, како што брифираат партиски извори, најверојатно ќе преземе еден многу сензитивен и сериозен ресор, особено во време на пандемија со ковид, а тоа е Министерството за образование. Како што е познато, наставата освен од прво до трето одделение ќе се одвива онлајн, па очекувано е дека новата министерка ќе има многу проблеми и тековни тешкотии за решавање. Сепак, оваа информација се уште не е сосема сигурна.  

А Мила Царовска, која во време на техничката влада беше техничка вицепремиерка за економски прашања, можно е да се врати во својот добро познат ресор, Министерството за труд и социјала. 

Не се смета како изненадување партиската одлука Венко Филипче да остане министер за здравство. Тој, за време на квид пандемијата, стекна голема доверба кај граѓаните, пред се заради стручноста и транспарентноста со која го менаџираше целиот процес. 

Ресорот правда, како што дознаваме, ќе биде во рацете на СДСМ по распределбата на владиниот колач во коалицијата СДСМ-ДУИ-ДПА.

Досегашниот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој не е кадар од СДСМ, ќе биде вицепремиер за евроинтеграции.

Бујар Османи, досегашен вицепремиер за евроинтеграции, ќе биде министер за надворешни работи.

Тие двајца, практично ќе си ги сменат своите места.

Како и да е, овие два сектора се многу битни за надворешната позиција на земјава и нејзиниот напредок кон евроинтеграциите, па не би требало да имаат никакви непознатици во новите функции што ќе ги преземат, а би требало и да ја продолжат досегашната соработка. 

А Фактор веќе напиша дека Крешник Бектеши ќе продолжи да министерува во Економија, а Фатмир Бесими, ќе ја преземе палката во раководењето со Министерството за финансии. За животна средина министер ќе биде досегашниот кадар на ДУИ, Насер Нуредини. Како министерка за информатичко општество ќе седне Ширет Елези, досегашната заменичка министерка за финансии.

А во Владата влегува и досегашниот пратеник Артан Груби како вицепремиер за политички систем.

Спикерот Талат Џафер ќе остане во својата претседателска фотеља во Парламентот, од каде се очекува дека повторно ќе ги „строи“ народните избраници.

Слично

Поврзани вести