Николоски се налути за коментарите за автопатот Кичево-Охрид: „Ќе го завршиме на време и сите ќе му се радуваме“
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, преку објава на социјалните мрежи реагираше на, како што наведе, „невистини, лаги и манипулации“ поврзани со изградбата на автопатот Охрид – Кичево.
Тој ги обвини, како што ги нарече, самопрогласени „синдикални лидери“ дека изнесуваат неточни информации за проектот, вклучително и тврдења дека автопатот ќе чини милијарда евра и дека нема да биде завршен.
- „Без ни еден факт! Нула!!! Ама да се каже нешто... Нека не го замајуваат народот“, напиша Николоски.
Министерот истакна дека автопатот ќе биде завршен во предвидениот рок и дека, како што вели, тековната Влада работи интензивно на реализацијата на проектот.
- „За нивна жал, а за среќа на народот, автопатот ќе се заврши во предвидениот рок“, наведе тој.
Во објавата, Николоски направи и споредба со претходната власт, обвинувајќи дека во изминатите години немало значителен напредок на проектот.
- „Точно е дека Владата на СДСМ и ДУИ камче не стави 7 години, ама точно е дека оваа Влада работи деноноќно“, истакна министерот.
Како пример за ангажираноста, тој посочи дека дури и во недела навечер имал состаноци поврзани со автопатот.
- „Последен состанок беше за автопатот Охрид – Кичево“, напиша Николоски, додавајќи дека проектот ќе биде завршен на време.
