Николоски: Милошоски има институционално знаење за Собранието
Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата „Утрински брифинг“ рече дека Антонијо Милошоски заедно со уште неколку други пратеници од стариот пратенички состав на најголемата опозициска партија повторно се нашле на добитни места на кандидатските листи поради „институционално познавање на Собранието“.
- Околу 95% на листите има нови лица. А, неколку пратеници од постојаниот состав повторно се кандидати затоа што се докажаа со својата работа. Бидејќи Собранието е една специфична материја која што бара покрај добра претставеност пред граѓаните, бара и многу институционално знаење за внатре, затоа тука е Милошоски, Мицевски, Ласовска, Лашкоска и уште неколку други. Концептот на овие листи е продолжение на она што го започнавме во партијата после промената на раководството, тоа е една силна и сериозна реформа на партијата, која што сега планираме да ја направиме и во државата, фигуративно го крстивме како „Нови луѓе, за ново време“, бидејќи е факт дека доаѓа ново време во Македонија, рече носителот на листата во Изборната единица 4.
Николоски рече дека од шест носители, двајца не се членови на ВМРО-ДПМНЕ - Гордана Силјановска-Давкова и Игор Дурловски и дека соодносот мажи-жени е разумно застапен.
- Од 6 носители, сите се првпат носители на листа во ВМРО-ДПМНЕ. Што е исто така концепт различен од СДСМ каде што, на пример Шекеринска не знам колку пати е носител, смета тој.
