Николоски го праша Заев да каже каде се криел Мијалков
Пратениците се интересираа каде се криел екс директорот на УБК, Сашо Мијалков додека го немаше два дена.
Прашањето беше упатено кон премиерот Зоран Заев.
„Ако ја прифатиме логиката на државата дека Сашо Мијалков бил во Скопје, логично прашање е каде бил во градов“, праша пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски од собраниската гоорница на денешната седница за пратенички прашања.
Вели дека според власта тој бил во земјава, но според нивни информации, тој бил заминат, па се вратил.
„Прашањето кое го поставува целокупната македонска јавност е каде бил доколку бил во Скопје, дали куќата или станот е лоциран и зошто не е извршен претрес на истиот. А доколку не бил во државата, како се вратил назад, дали нелегално се врати бидејќи дека нелегално ја напуштил земјата и што правеле пограничните органи на државата“, рече Николоски.
Премиерот Заев рече дека од сите аспекти било потврдено дека тој бил во Скопје. Оцени дека е неодговорно да се тврди дека првообвинетиот во случајот „Таргет-Тврдина“ бил надвор од градот или државата и ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да понесе одговорност за сите искажани, како што рече, лаги во врска со неговото приведување. Заев саркастично рече дека можеби бил во Белата палата. Мијалков е во домашен притвор.
