Економија, финансии, бизнис

Контакт

Никола Тодоров: Неутралноста е политика на неврзаните, ВМРО-ДПМНЕ не смее да ја толерира Василевска

Никола Тодоров: Неутралноста е политика на неврзаните, ВМРО-ДПМНЕ не смее да ја толерира Василевска

Никола Тодоров, поранешниот министер за здравство, како и за образование, го осуди ставот на Иванка Василевска, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, за политичка неутралност.  Ваквата реакција пренесена од Дојче Веле на поранершниот влијателен член на најголемата опозициска партија следува откако професорката во разговор за ‘stanjestvari.com' рече дека „е воодушевена од политиката на неутралност на српскиот претседател Александар Вучиќ“.

„Имајќи предвид дека Србија веќе има отпочнато преговори за полноправно членство во ЕУ, јасно е дека воодушевеноста од неутралноста се однесува на ставот на Србија за неутралност кон НАТО, односно изразеното противење на Србија да стане членка на НАТО, како и воодушевеност од српската политика на кокетирање помеѓу Русија и западните демократии. Ова не смее да биде став ниту определба на член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тоа е во целосна спротивност со доктрината, програмата и стратегиската определба на партијата“, реагира Тодоров.

Тодоров побара од раководството да поведе постапка за Василевска, односно да ја исклучи од партијата, или во најмала рака од партиските органи, бидејќи во спротивно остава простор да се смета за политички субјект кој подржува неутралност по примерот на старата политика на неврзаните и дека е против НАТО. Иако Василевска демантираше, поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека таа во никој случај не смеела да ја доведува Македонија во контекст да членува во некаква идна федерација.

„Ова никако не смее да го дозволите. По ниедна цена. Па и по цена да изгубиме некој глас поради ова. Не е важно дали сме пред избори или по избори, дали сме на власт или во опозиција, ВМРО ДПМНЕ не смее да отстапи од своите стратегиски цели и интереси. Делувајте брзо и одлучно. Секое калкулирање или колебање ќе нанесе дополнителни и несогледливи последици по партијата“, порачува Тодоров.

Слично

Поврзани вести