Никола Попоски: Македонија не започна преговори со ЕУ
Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски, во „Клик21“ на ТВ21 изјави дека Македонија не е во преговори за членство во ЕУ. Францускиот предлог го оцени како маркетиншки трик и рече дека нити една друга земја-кандидат не би прифатила таква преговарачка рамка.
„На шината сме ставени веќе 20 години. Со самото потпишување на спогодба за стабилизација и асоцијација, кандидатскиот статус итн. Значи не би можеле да не стават денес на шините кога на шините сме 20 години најмалку. Дали сме почнале? Не, самото тоа што сите прашуваат дали сме почнале преговори секој ден и се уште немаме јасна слика тоа е најдобриот одговор. Ова што денес го правиме, не го правела друга земја-кандидат за членство во ЕУ и е на некој начин можност за купување на дополнително време додека вистина не почнеме со сериозни преговори за пристапување“, вели Попоски.
Попоски вели дека Бугарија целосно ја дефинирала рамката за започнување на преговорите на Македонија со Европската унија. Тврди дека разликата во нашата рамка е тоа што таа е дефинирана од бугарски барања.
„Ние немаме проблем под чие претседателство ќе биде тоа формулирано, имаме проблем со редефинирањето на рамката за водење на преговори. Во нашиот случај рамката за да дојдеме до вистинските преговори е целосно дефинирана од страна на една земја-членка, тоа е Бугарија“, смета Попоски.
