Никола Димитров: Преспанскиот договор и Францускиот пакет се суштински спротивни
Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров синоќа во емисијата „Топ Тема“ на Телма рече дека Преспанскиот договор кој што го потпиша и Францускиот пакет се суштински спротивни дипломатски акти.
„Преспанскиот договор содржи афирмација на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, а дел од овој пакет содржи официјално писмо од Софија, депонирано во Брисел, дека македонскиот јазик е сиромашен дијалект на бугарскиот јазик. И во таа смисла фрапира изедначувањето, било во критиката, било во фалбата“, истакна Димитров.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции самиот рече дека Преспанскиот договор не требало да се става во негативна конотација и дека името Македонија се задржува.
„Беше пласиран како нужното зло што мора да се голтне за да ги отвориме вратите во НАТО и во Европската Унија и не се стави доволно акцент на помирувањето со Грција преку, од нивна страна, прифаќањето на нашето право да кажеме кои сме и каков јазик зборуваме, Македонци, Македонки кои зборуваат македонски јазик и дури фразата промена на името што го употребуваат членови на претходната влада и, секако, во големите критики на опозицијата, притоа знаејчи дека во синтагмата Република Македонија и во синтагмата Северна Македонија именката е иста и е Македонија“, вели Димитров.
