Никола Димитров откако беше определен за вицепремиер: Ќе го водам најсуштинскиот и најважен државен процес
Никола Димитров откако беше предложен за вицепремиер за евроинтеграции на својот профил на Фејсбук објави дека преку Секретаријатот за европски прашања ќе го води, како што вели тој, најсуштинскиот и најважен држабен процес.
Дипломатот во моментов го раководи Министерството за надворешни работи, но во новиот мандат на договорената Влада треба да ги заменат позициите со Бујар Османи во период кога на Македонија и претстои почеток на преговорите со Европската Унија.
„Во изминатиот мандат, ми беше чест што како министер за надворешни работи бев дел од историскиот пробив со членството во НАТО и зеленото светло за преговори со ЕУ.
Со тоа ги зацврстивме државноста, темелите и безбедноста на нашата Македонија, Северна Македонија и го отворивме патот за европските стандарди да ги донесеме дома.
Сакам јавно да им се заблагодарам на сите вработени и соработници во Министерството за надворешни работи, но и на сите вам кои ми дававте поддршка и мудрост кога ми беше најтешко.
Човек е силен и способен толку колку што му се силни и способни тимот и пријателите.
А токму на патот што допрва не' чека сплотеноста ќе биде клучна.
За мене, како човек кој целиот професионален живот го посвети на оваа идеја нема поголем предизвик од тоа да го водам најсуштинскиот и најважен државен процес.
Ова е мојата должност, но и должноста на нашата генерација - да ги зацртаме чекорите, да ги впрегнеме најспособните и под светлото на процесот од ден на ден да се менуваме.
Му благодарам на идниот премиер Зоран Заев и на СДСМ за довербата да бидам номиниран за вицепремиер задолжен за европски прашања, а вам ви ветувам дека од првиот ден ќе дадам се’ од себе за успешно да ја зграпчиме оваа историска шанса.
Одиме напред и ќе бидеме светол европски пример.
Одиме напред, таму каде припаѓаме!“, напиша Димитров.
