Никола Димитров: Марк Руте случајно дојде пред гласањето на доверба на Владата, се договаравме кога гледавме фудбал
Никола Димитров, вицепремиерот за евроинтеграции, во „Студио 10“ на ТВ24 претпладнево рече дека датумот на посетата на Марк Руте, како прв холандски премиер кој некогаш ја посетил Македонија, била случајност, а неговото доаѓање било најавено уште летоска во текот на Европското фудбалско првенство.
Руте пристигна во Македонија минатата недела, откако стана јасно дека власта го загуби парламентарното мнозинство, а еден ден потоа пратеникот Кастриот Реџепи не се појави во Собранието и опозицискиот блок не успеа да изгласа недоверба на Владата.
- Посетата на холандскиот премиер беше најавена кога се видовме во Амстердам, заедно гледавме фудбалски натпревар. Премиерот Руте рече - мислам дека е добро да дојдам да дадам сигнал на поддршка. Бидејќи Холандија е една од најригорозните земји кога е во прашање проширувањето на ЕУ . Денот на неговото доаѓање беше определен доста одамна. Се погоди така како што се погоди, рече Димитров.
Македонија и Холандија играа меѓусебно во третото коло од Европското фудбалско првенство изминатото лето.
Димитров ја искритикува ЕУ дека 20 месеци не може да ја спроведе сопствената одлука и остави простор, ако не во декември, да ги започнеме преговорите во јануари, со оглед на тоа дека само што завршија изборите во Бугарија.
- Сигналите што ги добиваме зборуваат дека обидот ќе биде фокусиран следниот месец, но и јануари не се исклучува како месец во кој ќе има пробив во евроинтеграциите. Од неколку главни градови слушам дека и во јануари се остава можност да се успее, истакна вицепремиерот.
