НИКОЈ НЕ ЗНАЕ КОЛКУ ЛУЃЕ ЖИВЕАТ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - популацијата во земјата е мистерија
Необично е она што му се случува на шефот на националната агенција за статистика.
Вака реномираниот Економист ја почнува својата статија за тоа дека во земјава одамна не се спровел попис и дека всушност никој не знае колку граѓани брои во моментов Северна Македонија.
Не само што многу од неговите бројки не се точни, изјавил за Економист Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика на Северна Македонија, туку тој нема ни идеја кои би биле вистинските.
Официјално, во земјата има 2,08 милиони луѓе, според последниот попис. Но, Апостол Симевски за Економист изјавил
„Се плашам дека нема повеќе од 1,5 милиони, но не можам да го докажам тоа“.
Безброј пресметки - приходи по глава на жител, дури и број на кади по жител - се зависи од тоа дека треба да знаете колку жители има.
„Ако господинот Симовски е во право и има 27,5 отсто помалку луѓе во Северна Македонија отколку што официјално се проценува, тогаш БДП по жител, меѓу другото, ќе биде многу повисок. Сепак, вистинското население може да биде помеѓу 1,6 и 1,8 милиони граѓани“, изјавил Изет Зеќири, економист.
Додека не се случи попис, никој нема да ги знае овие податоци, пишува Економист.
Според Државниот завод за статистика, населението во Северна Македонија е речиси 2,08 милиони - или поточно, 2.077.132 заклучно со 31 декември 2018 година. Проблемот е што овој број е погрешен.
Ако Симовски е во право, иако некои сметаат дека тој е премногу песимистички расположен, тогаш населението во Северна Македонија би опаднало за 24,6 проценти од независноста во 1991 година, кога земјата имала 1,99 милиони жители.
Овој процент ќе биде далеку повисок отколку за секоја друга земја во поранешна Југославија - дури и Босна и Херцеговина, која претрпе четиригодишна војна. Исто така, би било дури и подраматично од соседната Бугарија, која во последните 30 години изгуби речиси 21 отсто од своето население.
Некои економисти шпекулираат дека населението во Северна Македонија е помеѓу 1,6 и 1,8 милиони, што сепак би значело дека земјата изгубила помеѓу 19,6 и 9,5 проценти од населението од 1991 година. Ако тоа е последната бројка, загубата на населението во Северна Македонија спаѓа во истиот опсег како Србија и Хрватска, кои изгубиле меѓу осум и девет проценти од нивното население.
Постои добра причина зошто Симовски не знае со сигурност колку луѓе живеат во Северна Македонија. Во 2011 година, албанските и македонските политичари се замешаа до тој степен во оваа операција, што планираното одржување на пописот пропадна. Според него, македонските националисти сакале резултат што би покажал дека албанското малцинство во земјата е помалку од 20 проценти од населението. Тој е прагот што им дава на етничките Албанци одредени права според Охридскиот мировен договор од 2001 година, што ја повлече земјата на работ на граѓанска војна. За разлика од македонските националисти, етничките Албанци сакаа да го зголемат својот удел од населението колку што е можно повеќе.
Новиот попис, пак, што требаше да се одржи во април годинава беше одложен до 2021 година затоа што беа распишани предвремени избори за истиот месец. Тие избори потоа беа одложени заради пандемијата на коронавирусот.
Од таа причина, Северна Македонија се уште ја користи бројката на население од пописот во 2002 година како основа за сите други податоци.
Така, за да се достигне денешната официјална бројка на население од скоро 2,08 милиони, раѓањата, смртните случаи, многу мал број имигранти и официјално регистрирани иселеници се додадени на бројката на население од пописот во 2002 година од 2,02 милиони. Основниот проблем е што стотици илјади се иселиле - но не се регистрирани како го сториле тоа, и никој не знае колку се тие, се вели во текстот.
фото: Економист
