„Во период кога Северна Македонија, регионот, Европа и светот се соочуваат со најголемиот здравствен предизвик во поновата светска историја, повеќе од јасно е дека условите не дозволуваат нормално спроведување на избори. Затоа, во име на СДСМ, повикувам да се организира лидерска средба на претседателите на политичките партии на која ќе се разговара за одложување на изборите. Сега не е време за политички противници. Сега имаме само еден противник – коронавирусот“, рече Заев.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку Фејсбук најави дека одложувањето го смета за добро решение.
„Сите препораки на релевантните домашни и светски организации се дека најдобар одговор за справување со вирусот е одбегнување на активности. Токму кога се предвидувањата за пикот на здравствената криза, во Македонија ќе треба да се одржат избори. Со вакви анализи и предвидувања изборите би значеле отворање на нови жаришта со коронавирус. Замислете ден на избори кога во една просторија каде има гласање илјадници избирачи ќе гласаат, ќе заокружат со пенкало, ќе имаат личен контакт со членовите на избирачкиот одбор. Во овие кризни моменти ова е ситуација кога човек одбира помеѓу личниот и интересот на државата“, напиша Мицкоски.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети, пак, преку соопштение најави дека партиски приоритет е јавното здравје и справување со коронавирусот, и оти би прифатиле одложување на изборите и кампањата.
А, и во други држави се одложуваат изборите. Србија, поради коронавирусот и вонредната состојба ги одлага на неодредено време парламентарните избори кои беа закажани за 26-ти април. Франција, од истата причина, го одлага вториот круг на локалните избори за 21-ви јуни. Во та земја првиот круг се одржа завчера.
Какво беше расположението на гласачите воочи сега веќе несудените избори?
Во анкетата што вчера ја објави ИРИ, СДСМ има еден процентен поен предност пред ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето за кого би гласале, 17 отсто од испитаниците го одбрале СДСМ, 16 проценти нивниот ривал ВМРО-ДПМНЕ, за ДУИ се изјасниле 7 отсто, 5 за Алијанса за Албанците, и 4 проценти за Беса. Ова анкета теренски била спроведена на 1.222 испитаници во периодот од 30 јануари до 10 февруари, односно пред објавувањето на коалицијата меѓу СДСМ и Беса.
Но, има и кругови што го оспоруваат одложувањето на изборите, доколку претходно не се прогласи вонредна состојба. Лидерот на Левица и професор Димитар Апасиев, на својот фејсбук профил напиша:
„Aj, чисто процедурално ... Не постои правен начин за одлагање на изборите без прогласување ВОНРЕДНА СОСТОЈБА од страна на Претседателот на Републиката! Какво Собрание, какви спикери, какви бакрачи… Не си прајте бајрам со паметот. Се друго е противуставно и ќе предизвика контраефект и нова политичка криза“, предупреди Апасиев.
Според изјавите на лидерите, техничката Влада би продолжила да владее со земјата до новиот датум на кој би се одржале изборите.
Според првата можна варијанта, изборното соочување би се случило во мај годинава, но според втората, тие ќе се одржат во септември или октомври, што веќе се смета за редовен термин.
Н.Н.Ф.
