Никој не гласал против Пендаровски
Конгресот на СДСМ ја донесе одлуката да се поддржи Стево Пендаровски за кандидат претседател на Македонија со 712 гласа од вкупно 763 присутни делегати. Ниту еден не гласал против.
Зоран Заев им се заблагодари на министрите Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, кои беа во потесниот круг на фаворити за избор на кандидат, што ќе го поддржат Пендаровски. Тие беа присутни на Конгресот, додека оправдано отсутен поради обврски во Грција беше министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој поддршка даде на социјалните мрежи. Исто како Шекеринска и Спасовски, и тој беше во фаворизираната четворка пред изборот.
„Ни требаат и фер, мирни и демократски претседателски избори и избор на претседател кој ќе биде принципиелен партнер на владата во реализацијата на историската цел. Принципиелен партнер, но и коректив на начинот на водење политика. Мислам дека изборот меѓу кандидатите, посебно меѓу госпоѓата Силјановска и Стево Пендаровски нема да ви биде особено тежок. Со среќа Стево“, напиша Димитров на Фејсбук.
