НИКОГАШ НЕ СУМ БИЛ ЧЛЕН НА ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА, А МОЖЕБИ НЕКОГАШ И СУМ СЕ СРЕТНАЛ СО АХМЕТИ - прва изјава на новиот прв човек на ОЈО ГОКК, вели дека е праведен
Новоизбраниот шеф на Обвинителството за организиран криминасл, Ислам Абази, денеска за прв пат се појави пред јавноста.
Тој најпрво им се заблагодари на своите гласачи-обвинители кои го избраа. Вети борба против организираниот криминал и корупција и рече дека искуството го црпе од повеќе програми, проекти и работни групи во кои учествувал.
– Колегите во мене препознаа човек кој ќе биде успешен и праведен. Им благодарам – рече Абази.
Инаку, Абази по потекло е од родното село на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Но, тој во својата денешна изјава тврди дека можеби се сретнал некогаш со Ахмети, но нема блиски врски со него, односно со својот соселанец од Зајас.
Всушност, изјавата дека јавнообвинителската функција е неспоива со вршење на друга јавна функција или со членување во одредена политичка партија, тој ја даде одговарајќи на новинарско прашање: „Каква и колкава е вашата блискост со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со оглед на тоа што потекнувате од исто село?“
– Никогаш не сум бил член на политичка партија. И во моето досегашно работење никогаш не сум оставил впечаток дека јас сум имал некакви релации или позиции со политички партии. Можеби сме се сретнале со господинот Али Ахмети, ама лично контакти немаме. Дружбата со такви личности не е забранета, ама е непристојна. Мене не ми е забрането да се дружам со некој политичар ако тој не е учесник во некаква постапка или ако нема кривично дело против него – изјави Абази.
Абази рече и дека големите предмети на ОЈОГОКК допрва ќе ги запознава, по што ќе даде насоки за работа и информации во јавноста. Најави дека тој ќе биде раководител и ќе работи заедно со сите обвинители во ОЈОГОКК.
Фактор денеска го објави имотниот лист со кој Абази влегува на функцијата.
