Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Никогаш не ни претпоставував дека тоа ќе биде нашето последно се гледаме утре“: Емотивна исповед на Наталија, сопругата на Андреј од ДНК за животот по трагедијата во Кочани

„Никогаш не ни претпоставував дека тоа ќе биде нашето последно се гледаме утре“: Емотивна исповед на Наталија, сопругата на Андреј од ДНК за животот по трагедијата во Кочани

Сопругата на Андреј од ДНК, Наталија, во емотивно гостување во поткастот „Претрес со Ландов“ за прв пат јавно проговори за животот со својот сопруг, за нивното семејство, но и за болката што ја остави трагедијата во Кочани.

„За нас секојдневието повеќе не е исто, додека некој гледа боја, ние гледаме сивило, да бидам искрена“, изјави Наталија, пренесува Женски магазин.

Таа сподели спомени од заедничкиот живот со Андреј, зборувајќи за тоа каков сопруг и татко бил, колку бил посветен на семејството и што му било најважно во животот. Во разговорот се осврна и на поддршката што ја добиле семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, како и на судскиот процес кој сè уште е во тек.

Наталија ги раскажа и последните моменти што ги поминала со Андреј пред кобниот пожар во дискотеката „Пулс“, за време на настапот на групата ДНК.

„Со Андреј бевме заедно вечерта пред да тргне на настап во Кочани. Ние обично немавме навика каде е вечерта, бидејќи имаше многу често настапи и тоа беше како негово редовно одење на работа, трета смена. Јас вечерта случајно прашав каде е, така и знаев дека е во Кочани. Вечерта на 15 –ти мојата сестра славеше роденден, таа е родена на 15 –ти март и отогаш нејзиниот роденден го памтиме по лошо, за жал. Со ќеркичката вечерта тргнавме на прослава, додека Андреј беше во клубот. Никогаш не ни претпоставував дека тоа ќе биде нашето последно „ќе се видиме после или се гледаме утре наутро“.“

Таа раскажа дека веста за трагедијата до неа стигнала подоцна отколку до многумина други. Додека ги обиколувала болниците во потрага по информација за Андреј и се надевала дека е жив, добила повик од непознат број.

Според нејзините зборови, лицето што ја побарало ја прашало каде се наоѓа нејзиниот сопруг и ѝ рекло веднаш штом дознае каде е, да се јави во полициска станица за да даде изјава. Во исто време, додека таа сè уште не знаела дали Андреј е меѓу живите, полициски службеници пристигнале и на нивната адреса во Скопје барајќи го.

Зборувајќи за неговата улога како сопруг и татко, Наталија не ја криеше емоцијата.

„Андреј на мене и на Јана, пред се како татако и како сопруг ни беше најдобар другар, мене и Јана не чуваше како во стаклено ѕвоно и искрено на секоја една жена би и посакала да има еден таков човек до себе и таков другар до себе.

Јас не можам со зборови да ви ја опишам таа врска што ја имаа Андреја и Јана. И верувам дека таа врска ќе остане нешто нераскинливо, дури ни јас како мајка не можам да го заменам. Јана ќе го памети по многу работи, поголемиот дел од времето го поминуваа тие заедно додека јас бев на работа. Беа цело време заедно, заедно одеа на одмори, знае среде недела да отпатуваат некаде. Многу ми е драго што оставрија една таква врска што е многу ретка. Разговараа на многу тему, Јана наполни само 10 години, разговараа на теми кои беа несфватливи за таа возраст и даде толку многу добра основа да препознае што е добро, а што е лошо во ова денешно време. Јас ќе се потрудам тие сеќавања никогаш да не избледат.“

Во поткастот таа се осврна и на тврдењата дека Андреј повеќепати се враќал во дискотеката за да спасува луѓе. Иако овие наводи сè уште не се официјално потврдени, Наталија истакна дека, познавајќи го неговиот карактер, таквиот потег не би бил изненадување, пренесува Женски магазин.

„Јас сум премногу горда на човекот кој што сум го имала во својот живот, тажна сум зошто повеќе не е со нас , од друга страна сум благодарна што сум била дел од неговиот живот.

Доколку не го направел тоа, да спасува животи, тогаш тоа не би било карактеристика за него. Некогаш размислувам, што би било кога би било, познавајќи го Андреја не би можел да премине преку тоа над 60 луѓе да загинат, а тој да е меѓу живите. Мислам дека самиот тој би си го одзел животот.“

На крајот, Наталија истакна дека по трагедијата во Кочани чувствува дека добила едно големо ново семејство – родителите и најблиските на останатите загинати, со кои, како што рече, секојдневно е во контакт и комуникација.

Извор: Претрес со Ландов
Фото: Инстаграм


Слично

Поврзани вести