„НИЕ ПРЕВЕНТИВНО НЕ ДЕЈСТВУВАМЕ“: теологот Галевски за свирепото убиство на Росица 'државата има улога на бирократски архивист'
Бруталното убиство на 31-годишната Росица и нејзиниот татко во Велес, повторно ја разбранува јавноста, и на темата се огласија голем број граѓани, најмногу со револт на институционалната негрижа, која резултираше со трагедија.
На темата за потребата од заштита на жените кои се малтретирани од нивните партнери, поранешни партнери, пред да бидат убиени, се огласи и теологот Никола Галевски.
Тој упати остри критики кон институциите, особено кон потребата „нешто да се случи“ за да се дејствува, укажувајќи дека ги поддржува сите кои сакаат нешто да променат во државата со цел да се спречат вакви трагедии.
- Росица била психички и физички сотрена, малтретирана долго време, на крајот убиена заедно со нејзиниот татко. Мојот револт е кон полицијата, кон отсуство на систем на државна заштита и превентива кое ова ќе го спречеше. Гневот (премек збор) е уште поголем поради фактот што сум татко на ќерка, поради точките на поистоветување со овој грозоморен процес со фатален крај.
Обид, со Божја помош да се спасат барем неколку жени пред да бидат убиени или доведени до состојба на крајна дехуманизираност - нагласува Галевски.
