Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ни треба ли царинска брана за цунамито половни германски дизелаши?

Ни треба ли царинска брана за цунамито половни германски дизелаши?

Дали новите закони за акциза и за данок, кои се во подготовка и се очекува да стапат во сила од идната година, ќе ги поскапат половните возила кои сега масовно се увезуваат во Македонија? Според најавите, со законските измени се предвидувa да не се плаќа акциза за возилата, но сепак давачките кон државата нема да се намалат. Односно, вкупните давачки, т.е. даночната стапка ќе зависи од вредноста на возилото, а најголема промена е што даноците ќе бидат врзани со емисијата на штетните гасови како јаглерод диоксид и азотни оксиди и од тоа дали возилото е дизелаш или бензинец. Новите закони, како што велат во Царинската управа, се подготвуваат поради потребата да се усогласат со законодавството на Европската унија.

Ова во пракса ќе значи дека поголем данок ќе се плаќа за поскапи автомобили, со поголема кубижа, а секако, меѓу најпогодените ќе бидат купувачите на стари возила во кои нема вградено мотори кои ги задоволуваат најновите еколошки „евро 6“ стандарди. Значи колку повеќе загадува автомобилот, толку повисок данок ќе се плаќа при неговиот увоз.

Во Европа, токму поради ваквото повисоко оданочување и поскапа регистрација која треба да ја плаќаат нивните сопственици, во тек е голема чистка на старите дизелаши и автомобили кои се под „евро 5“ еко- стандардот. Овој тренд е најизразен во Германија, каде по интензивна дебата за влијанието кое дизел возилата го имаат во однос на загадувањето, Сојузниот управен суд дозволи можност градовите да забранат нивно користење. Првиот град кој ја воведе забраната е Хамбург каде од 1 јуни, постари возила на дизел треба да избегнуваат одредени сообраќајници, а сличен потег најавија и градските власти на Келн. Забраната се однесува за дизел возилата кои се категоризирани според стандардот „евро 5“ и кои се дозволени за увоз во нашата земја.

Како последица на овие мерки, се проценува дека во следнатите две години неколку милиони половни дизелаши од Германија ќе се понудат на продажба. Најголем дел од нив, речиси со сигурност ќе завршат во посиромашните земји, како балканските, меѓу кои е и Македонија. Според германската статистика, од 15 милиони дизел автомобили во Германија, околу 6,7 милиони го исполнуваат „евро 4“ еко- стандардот, други 6 милиони ги задоволуваат „евро 5“ прописите, а останатите се од највисоката „евро 6“ класа.

Во моментов во автомобилската индустрија се случуваат тектонски промени. Се поголем број земји нудат субвенции за граѓаните да ги заменат старите автомобили со мотори на внатрешно согорување со нови на електричен погон. Густата европска автопатска мрежа се збогатува со нови станици на кои се поставуваат полначи за електрични возила, а издржливоста на батериите е се подолга. Сите големи производители на автомобили вложуваат милијарди евра во подготовка на модели на електричен погон кои се незагадувачки за животната средина. А се чини дека паѓа и последната брана за помасовно користење на овие автомобили, а тоа нивната поголема цена во однос на стандардните. Како што најавуваат од „Фолксваген“, нивниот е- автомобил, кој масовно ќе се продава на пазарот за две- три години, нема да биде поскап од сегашните дизел возила.

Во ваква ситуација се поставува прашањето, дали ни треба царинска брана на цунамито половни германски дизелаши или да дозволиме нивен слободен увоз. При носењето одлука од една страна на тасот треба да ја ставиме ниската куповна моќ на нашите граѓани за кои ова би било одлична прилика да го обноват возниот парк, но од другата страна не смее да се занемари се поголемото загадување на воздухот, што придонесува за пораст на кардиолошките, белодробните и онколошките заболувања.

Во Германија, рестриктивните мерки за дизел возилата се воведоа откако со мерења на загаденоста, во дури 37 градови било измерено надминување на дозволената концентрација на азотни оксиди од 40 микрограми на метар кубен. А кај нас, овие концентрации, посебно во зимските денови, се троцифрени.

Затоа, за да не се ставиме во прилика да бираме меѓу здравје и луксуз, потребно е да се осмислат сериозни политики кои, меѓудругото, на граѓаните ќе овозможат полесен пристап до нов автомобил и поефикасен и поеколошки јавен превоз.

(М.Б.)

Слично

Поврзани вести