Независниот полициски синдикат бара одговорност од Чавков за потфрлањето на 27 април
Независниот полициски синдикат бара одговорност од директорот нa Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.
Според нив, Чаков треба да одговара, а министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу да сведочи. Тој треба да каже зошто го оставил Чавков да го води Оперативниот штаб на 27 април, кога имаше упад во Собранието, насилство и потфрлање на интервенцијата на полицијата.
Реакцијата на Синдикатот следи по суспендирањето на четворица припадници на ЕБР.
Вчера и вториот полициски синдикат побара да не се занемари командната одговорност, а случаите против припадниците на полицијата да се водат како поединечна одговорност.
Поради потфрлањето навремено да интервенираат на инцидентот во Собранието на 27 април, од полицијата се суспендирани вкупно 22-ца припадници на МВР. 20 полицајци не презеле постапки за спречување на инциденти, еден вработен во СВР Скопје учествувал директно во нападот врз пратениците, а помошник министерот Небојша Стајковиќ е суспендиран поради тригодишно нефункционирање на системот Тетра кој не ги снимил полициските наредби.
